Дополнително, невакцинираните и оние кои не прележале ковид-19, а кои доаѓаат од 16 земји, меѓу кои и Северна Македонија, задолжително ќе бидат тестирани и по влезот во Грција, нешто што веќе извесен период се применува
Во шест часот утрово стапи во сила новата министерска одлука во Грција, според која, за влез во земјата задолжителен е негативен резултат од ПЦР или брз тест, мерка што важи за сите патници со наполнети пет години, меѓу кои и оние од Северна Македонија без разлика дали се вакцинирани или не или дали прележале Ковид-19, јави дописничката на МИА од Атина.
Станува збор за привремена и вонредна мерка за празничниот период во пресрет на Божиќ и Нова година која засега е со траење до 10 јануари 2022 година.
Негативниот резултат од ПЦР тест не треба да биде постар од 72 часа, а брзиот не постар од 24 часа. Исто така потребно е патниците да го имаат пополнето и досегашниот формулар. Овој документ се пополнува онлајн (https://travel.gov.gr), по што се добива потврда со QR-код кој е неопходен за влез.
Дополнително, невакцинираните и оние кои не прележале ковид-19, а кои доаѓаат од 16 земји, меѓу кои и Северна Македонија, задолжително ќе бидат тестирани и по влезот во Грција, нешто што веќе извесен период се применува.
Новата министерска одлука „Предуслови за влез во земјата за ограничување на ширењето на Ковид-19“, како што веќе објави МИА, во петокот беше објавена во Службен весник на Грција.
Тестирањето треба да биде во одобрена од државата каде доаѓа патникот во приватна или државна лабораторија, а потврдата треба да биде на грчки, англиски, француски, германски, италијански, шпански или руски јазик. Истото важи и за сертификатот за вакцинација кој треба да ги содржи и името и презимето на лицето кое патува, онака како што се заведени во пасошот. Се признава и потврда за прележан ковид која важи 30 дена по првиот позитивен резултат, а најдоцна до 90 дена подоцна.
Во однос на потврдите за прележана болест и промените воведени минатата седмица, согласно одлуката, оние кои се издадени од 15 јули 2021 година до 31 октомври 2021 година важат до 31 јануари 2022 година.
За прекршување на законските мерки и обврски, предвидени се казни од 500 и 5.000 евра.
За влез во Грција, отворени се сите копнени гранични премини кои работат 24 часа, со исклучок на Мерѕани кон Албанија, што е со работно време од 8 до 20 часот, а од Турција преку Кастањес и Кипи, дозволен е влез на 1 500 лица седмично.
Од Северна Македонија кај јужниот сосед може да се патува преку Евзони (Богородица), преку Ники (Меџитлија) и Дојран, без никакви ограничувања во однос на бројот на посетители или во однос на работното време.