Од денеска стапуваат во сила новите правила според кои секој што влегува во Велика Британија мора да оди во изолација 14 дена.
Лицата што влегуваат во земјава, вклучително и британски државјани, ќе треба да дадат адреса каде ќе бидат во самоизолација, а доколку ги прекршат правилата следува парична казна до 1 000 фунти.
Министерката за внатрешни работи Прити Пател рече дека законот е донесен за да се спречи втор бран на коронавирусот. Сепак, некои бизниси предупредуваат дека тешко ќе бидат погодени од правилата.
Има исклучоци за работниците во некои индустрии, како и за медицински работници во некои сектори.
Сите други ќе треба да пополнат „патнички локатор“ по пристигнувањето. Доколку не можат да обезбедат адреса каде ќе останат, владата ќе организира сместување на сметка на патникот.
Ќе бидат направени и проверки за да се види дали се почитуваат правилата.
„Науката е јасна – ако го ограничиме ризикот од внесување нови случаи однадвор, можеме да помогнеме да се запре катастрофалниот втор бран“,
рече Пател.
Патниците во транзит, кои не поминуваат гранична контрола, се ослободени од задолжителна изолација.
Туристичките работници ги критикуваа мерките сметајќи дека периодот на изолација ќе ги одвлече посетителите.