Министерот за здравство во петокот изјави дека засега нема да има препорака за нови рестриктивни мерки бидејќи сегашните се сосема доволни, но дека треба да се почитуваат

Од денеска стапува на сила ново правило за заштита од коронавирусот со кое за влез во објектите е потребен сертификат со примени две дози вакцина или потврда за прележан ковид-19 во последните 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето.
Министерството за здравство апелира граѓаните да ги почитуваат мерките, да бидат одговорни и да се вакцинираат.
„Ги повикуваме граѓаните кои сè уште не се вакцинирани, што побрзо да го направат тоа. Само со колективен имунитет може да го победиме вирусот“,
повикаа од Министерството за здравство.
Министерот за здравство Венко Филипче во петокот изјави дека засега нема да има препорака за нови рестриктивни мерки, бидејќи сегашните се сосема доволни, но дека треба да се почитуваат. Носењето маски, држењето дистанцата, честото миење раце и вакцинирањето, како што посочи Филипче, се основните принципи на кои се темелат сите мерки во борбата со пандемијата.
„Остануваме засега со истите мерки и апелираме сите да се придржуваат до нив. Доаѓаат семејни слави и апелирам граѓаните и оваа година како и претходните, ако можат да не ги организираат или да ги организираат во помал семеен круг. Сепак такви поголеми собири каде не се почитуваат мерките се ризик за епидемиолошката состојба да се влоши“,
рече Филипче.