Подигнувањето на електронските уреди од избраните економски оператори мора да се изврши најдоцна до 31 декември

Од денеска до 20 декември е отворен јавниот повик за доделување вредносни ваучери за студенти за набавка на електронски уреди. Повикот, како што велат од Министерството за дигитална трансформација, се спроведува преку националниот портал за е-услуги – uslugi.gov.mk.
Подигнувањето на електронските уреди од избраните економски оператори мора да се изврши најдоцна до 31 декември
Од Министерството даваат и појаснување за студентите кои се во евиденцијата на Министерството за образование и наука (МОН) како може да аплицираат на https://uslugi.gov.mk/service-details.nspx?serviceId=5980)
„Студентот се најавува на uslugi.gov.mk и ја поднесува апликацијата за услугата јавен повик за доделување на вредносен ваучер за студенти за набавка на електронски уреди. Во процесот на аплицирање не е потребно прикачување документи. По успешно поднесување, системот генерира документ – вредносен ваучер“,
додаваат од министерството.
Потоа, со добиениот ваучер, документ за идентификација и потпишување изјава за искористен ваучер, студентот може да го подигне електронскиот уред од избраниот економски оператор.
Појаснување околу начинот на аплицирање од Министерството за дигитална трансформација даваат и за студенти кои не се во евиденција на МОН.
„Доколку при аплицирањето системот утврди дека студентот не е во евиденција на МОН, тој автоматски добива известување и линк кон посебната услуга каде треба да продолжи со апликацијата до 20.12.2025 година“,
додаваат од министерството.
Во овој случај, студентот е должен да прикачи потврда дека е редовен или вонреден студент, што е издадена од високообразовната установа во која е запишан, а потоа по успешно комплетирање на апликацијата, системот ќе генерира вредносен ваучер.
Со ваучерот, документ за идентификација и потпишана изјава за искористен ваучер, студентот може да го подигне електронскиот уред од избраниот економски оператор.
