Вакво ограничување на брзината досега имаше на 60 отсто на париските улици, но отсега овие мерки ќе важат речиси за сите сообраќајници во Париз
Од денеска ограничувањето на брзината од 30 километри на час важи речиси во целиот Град Париз, а одредбата не се однесува само на периферијата на градот и на неколку од најважните улици, како булеварот „Марешо“ и други поважни сообраќајници во западен Париз.
Мерката е поддржана од мнозинството парижани, но на неа остро се спротивставуваат жителите на регионот Ил-де-Франс, пишува „Паризиен“.
Но и пред донесувањето на оваа одлука, максималната дозволена брзина на 60 проценти од париските сообраќајници беше 30 км/ч.
Сепак, жителите на Париз ќе мора да се навикнат на фактот дека од денеска, речиси на сите улици во метрополата, важи ограничувањето на брзината од 30 км/ч, а со брзина од 50 км/ч, автомобилите ќе можат да се движат само на одреден број сообраќајници.
Ова ќе се однесува на обиколницата „Перифери“ и неколку други улици, како булеварот „Марешо“, сообраќајниците по должина на реката Сена. Истото важи и за авениите „Боа де Булоњ“ и „Винсен“ и важните патишта во западниот дел на градот, имено Елисејските полиња, „Фош“, „Гранд арме“, улицата „Ројал“ и улиците во 12-от и 14-от арондисман.
Која е целта?
Списокот е објавен на веб-страницата на Градот Париз, а целта на новата мерка е да се подобри безбедноста на патиштата и да се намали загадувањето од бучава, бројот на несреќи и да се подобри сообраќајот.
Се проценува дека новото ограничување на брзината ќе го намали нивото на бучава за три децибели и во исто време ќе го преполови бројот на несреќи и смртни случаи на градските улици.
Иако мерките се поддржани од големо мнозинство жители на француската престолнина, проблемот може да настане на периферијата на Париз, каде што граѓаните жителите бараат ограничување од 50, односно 70 км/ч.