Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вели дека системот „Безбеден град“ не е систем за казнување, туку има за цел да ја подигнеме безбедноста во сообраќајот и при тоа спасиме еден човечки живот повеќе, оти животот нема цена
Од денеска, 1 февруари, почнува со функционирање системот „Безбеден град“ на територија на градовите Скопје, Куманово и Тетово, како и на Коридорите 8 и 10, информираат од Министерството за внатрешни работи (МВР).
Тоа значи дека ќе бидат санкционирани граѓаните што направиле прекршок детектиран од камерите на „Безбеден град“.
Ќе се детектираат четири типични сообраќајни прекршоци, како непрописно паркирање, управување со брзина поголема од пропишаната, минување на црвено светло и управување возило со изминат рок на важноста на сообраќајната дозвола.

Според полицијата, камерите се поставени на критичните сообраќајни точки каде што најчесто се случуваат сообраќајни прекршоци.
„Системот ‘Безбеден град‘ ќе го регулира сообраќајот, а ќе ги санкционира сите оние што не сакаат да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи на сопствена штета и на штета на другите учесници во сообраќајот“,
велат од МВР.
МВР излезе со соопштение колку ќе изнесуваат глобите за сообраќајните прекршоци што се санкционираат преку системот „Безбеден град“.
Полицијата апелираше до граѓаните доколку имаат промена на контакт-податоците што ги доставиле при регистрацијата на возилата, или доколку добиле известување со неточни податоци, да ги ажурираат.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вели дека системот „Безбеден град“ не е систем за казнување, туку има за цел да ја подигнеме безбедноста во сообраќајот и при тоа спасиме еден човечки живот повеќе, оти животот нема цена.
Во вчерашното гостување на МРТ 1 рече дека во примена е нов правилник со кој се зголемува прагот на толеранција за возачите.
„Во изминатиот период имаше огромен број забелешки затоа што во првичниот период немаше толеранцијата во рамки на опоменувањето на граѓаните и воведовме толеранција што беше важечка во рамки на важечка легислатива од 6км/ч кога управувате моторно возило до 100км/ч, а над 100 тогаш 8км/ч. Правилникот што е во надлежност на Министерството за енергетика, во консултација со екперти, професори, со луѓе од Министерството за енергетика и од Министерството за внатрешни работи, се измени овој правилник и стапи во сила во текот на вчерашниот ден со тоа што сега за брзини до 50км/ч останува како што беше и претходно, толеранција од 6км/ч. Тоа значи дека ако возите моторно возило таму каде што имаме знак од 30км/ч, со 36км/ч камерата нема да ве евидентира за сторен сообраќаен прекршок, туку ќе ве евидентира од 37км/ч. Од 50 до 100км/ч толеранцијата законски, согласно новиот правилник, е 9км/ч, тоа значи дека ако управувате моторно возило таму каде што е дозвилено до 50км/ч, со 51км/ч камерата ќе ве евидентира и ќе ви прати порака, односно ќе ве казни системот доколку управувате моторно возило со 60км/ч. Таму каде што имаме ограничување од 100км/ч, а се управува возило со над 101км/ч, камерата ќе ве идентификува со толеранција од 12км/ч, значи таму би биле санкционирани доколку е дозовлено да речеме 100км/ч, а вие управувате на пример со 113км/ч“,
кажа тој.
Овие толеранции, додаде дека се апсолутно прифатливи со цел да заживее системот и да се уверат граѓаните дека целта не е казнување, туку целта е помалку несреќи, повредени и загубени животи.
