Пензиите за ноември почнуваат да се исплаќаат од денеска, предвреме и етапно, со цел да се овозможи поголема заштита на пензионерите во услови на опасност од ковид-19.
Како што информира Министерството за труд и социјална политика, подигнувањето на пензиите преку филијалите и експозитурите на банките за пензионерите кои не користат картички ќе се реализира во четири групи, според висината на пензијата и тоа денеска ќе се врши исплата на пензии со висина до 11 000 денари, утре на пензии во висина од 11 001 денари до 14 000 денари, во понеделник ќе се исплаќаат пензии во висина од 14 001 денари до 18 000 денари, а во вторник пензии во висина над 18 000 денари.
„Пензионерите кои користат платежна картичка, поврзана со сметката на која се префрлува пензијата, со парите можат да располагаат од четврток 26 ноември. Тие можат да ја подигнат пензијата на банкомат, да ги користат средствата за плаќање во трговската мрежа или за електронски плаќања. Етапното процесирање на пензиите ќе овозможи спроведување на препораките и мерките за спречување и ширење на вирусот, со оглед на тоа што пензионерите како возрасна група се најранливи“,
се вели во денешното соопштение од МТСП.
МТСП потсетува на обврската за носење лична заштитна опрема која ги покрива пределот на носот и устата, како и на држење растојание при чекање ред пред и внатре во банките.