По средбата со Санчез, следната рута на премиерот е Грција, каде што ќе учествува на економскиот форум „Делфи“, а најавени се и средби со Мицотакис и со Ципрас, но и со Тони Блер
Премиерот Зоран Заев, заедно со вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, попладне заминува за Мадрид, што е прва посета на Кралството Шпанија на премиерско ниво.
Заев во Мадрид пристигнува од Брисел, каде што вчера имаше средби со претседателката на Европската комисијата Урсула фон дер Лајен и со други високи претставници на Европската Унија и на Европскиот парламент. На средбите тој побара да се одблокира европскиот пат на С Македонија и порача дека македонскиот јазик и македонскиот идентитет, наметнати како прашања од Бугарија, воопшто не смеат да бидат тема на разговор.
Според најавата од владината прес-служба, Заев утре во Мадрид ќе има средба со претседателот на Владата на Кралството Шпанија, Педро Санчез и со Пилар Лоп Куенка, претседателка на шпанскиот Сенат.
Предвидена е средба и со Антони Гараменди, претседател на Шпанската конфедерација на работодавачи.
Шпанија е последната земја која го ратификува македонскиот протокол за членство во НАТО, со што беше овозможено земјава и официјално да стане членка на Алијансата. Потпишувањето на протоколот се одолговлече неколку месеци, поради тоа што во тој период Шпанија се соочуваше со политичка криза, поради која беа распишани вонредни избори, а потоа следуваше комплициран процес на составување на новата влада на социјалистот Санчез.
Заев од Мадрид ќе замине за Атина, каде што ќе учествува Економскиот форум „Делфи“, а предвидена е и средба со премиерот на Грција Киријакос Мицотакис.
На маргините на Економскиот форум „Делфи“, Заев ќе има одделни средби со Алексис Ципрас, поранешен премиер на Грција и лидер на СИРИЗА, со Тони Блер, поранешен премиер на Велика Британија, како и со други политички претставници од меѓународната сцена и со претставници на компании и стопански комори.