Тој додаде дека во странство остануваат да се лекуваат 115 пациенти, а најверојатно еден пациент од Белград денеска се враќа на понатамошно лекување во Скопје

Од болниците во Скопје денеска ќе бидат испишани 12 пациенти кои беа хоспитализирани по трагедијата во Кочани, најави денеска министерот за здравство Арбен Таравари по одржаниот состанок со Кризниот штаб за состојбата на повредените од пожарот во Кочани.
Со тоа, како што рече Таравари, во болниците во Скопје ќе останат на лекување 27 пациенти.
„Во болниците има 39 пациенти од кои 12 се во Клиничкиот центар, 10 се во ’Свети Наум Охридски’, 10 во ’8 Септември’, а на приватните клиники се седум пациенти. Денес испишуваме 12 пациенти и ќе останат 27 што ќе се лекуваат во болниците во Скопје. На Детска клиника каде што имаше два пациенти нема да има ниту еден, а остануваат пациенти само на Пластична хирургија и на Токсикологија. Во старата градска болница од 10 пациенти ќе останат шест“,
рече Таравари на денешната прес-конференција.
Тој додаде дека во странство остануваат да се лекуваат 115 пациенти, а најверојатно еден пациент од Белград денеска се враќа на понатамошно лекување во Скопје.
„Пациентот е во добра општа состојба, но минимум 24 часа мора да остане на една од клиниките и ќе биде направена тријажа“,
додаде Таравари.
Од пациентите што се лекуваат надвор од државата, рече тој, во критична состојба остануваат четири до пет пациенти.
„За жал, четири-пет пациенти се во посериозна состојба, некаде има и влошување, меѓутоа нашите колеги во болниците каде што овие пациенти се лекуваат се обидуваат да дадат максимум од себе за да го поминат овој тежок период за нив“,
додаде министерот.
Тој додаде и дека до Министерството веќе стигнале понуди од неколку западноевропски држави за подолгорочна рехабилитација на потешките пациенти.
„Тоа се пациенти кои после неколку недели ќе се вратат во Македонија, а тие што се потешки и каде што ќе треба подолгорочна и попрофесионална рехабилитација неколку земји веќе изразуваат подготвеност да ги примат“,
рече Таравари.
Вчера беа испишани 16 пациенти, а министерот најави дека неделава се очекува да бидат вратени осум пациенти од странство.