Со скринингот во градинките досега се опфатени 581 вработен, од кои 184 се тестирани во последното деноноќие.
Од сите скенирани досега, има само еден позитивен случај на ковид-19 во Битола.
Во овој град тестирани се сите 322 лица вработени во градинките и сите, освен едниот позитивен случај, се негативни.
Скринингот во градинките започна пред три дена и со него треба да се опфатат околу 2 000 вработени, а кога ќе се заврши, ќе се знае и одлуката дали и кога ќе се отворат градинките.
Првичните очекувања од здравствените власти беа дека со овој процес ќе се заврши за десетина дена.
Вработените во градинките се први на списокот за скрининг, а покрај нив ќе бидат опфатени и здравствените работници, вработени во домови за згрижување на стари лица, вработените во ЈСП, пациенти со хронични болести, пациенти на биолошка терапија…
Скринингот ќе се прави со ПСР-тестови, а целта на тестирањето е да се идентификуваат асимптоматските носители на вирусот – односно луѓе кои се заразени, а не се свесни поради тоа што немаат симптоми. Со оваа стратегија, како што беше најавено, ќе се овозможи поквалитетна процена за можноста за олабавување на рестриктивните мерки, но и значително зголемување на бројот на тестови.
