На овие гранични премини и утринава има зголемена фреквенција, додека на останатите премини од македонска страна нема поголеми задржувања за влез и излез од државата
Од 15–30 минути до еден час. Толку се чека утринава на граничните премини „Табановце“ и „Богородица“ за излез од државава, информира Автомото сојузот на Македонија (АМСМ).

Од АМСМ додаваат дека на овие два гранични премини и утринава има зголемена фреквенција, додека на останатите премини од македонска страна нема поголеми задржувања за влез и излез од државата.
„Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен“,
информираат оттаму.
АМСМ препорачува приспособена брзина на движење, почитување на сообраќајната сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде што има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.