За две недели, на 15 јуни, ќе биде објавена платформата со хотелите и сместувачките капацитети, вклучувајќи ги и приватните сместувања, каде ќе може да летуваат граѓаните со месечни приходи под 15 000 денари.

Откако УЈП ќе ги достави списоците на оние што ги исполнуваат условите, ваучерите од 6 000 денари по електронски пат ќе им бидат доставени на коризниците, со упатство и код, а ќе можат да се искористат од 15 јули до 15 декември.
„Сите граѓани до крајот на идната недела да видат дали добиле ваучер, ако не, да го контактираат Министеството каде дополнително ќе се проверат нивните податоци. Подоготвката на платформата е почната и таа ќе биде пуштена во употреба на 15 јуни. Хотелиерите потоа ќе имаат рок 15 дена, до 30 јуни, да ја постават поунудата,
соопшти денеска министерот за економија, Крешник Бектеши.
На прес-конференцијата тој објасни дека граѓаните ќе може сами да си направат аранжмани, без посредство на туристички агенции, а освен ваучер, како што е предвидено со Уредбата, ќе добијат и платежна картичка од 3 000 денари која ќе може да ја користат во хотелите и угостителските објекти.
Бектеши најави дека од идната недела ќе се смени критериумот за категоризација на сместувачките капацитети за да се отвори можност што повеќе да се регистрираат на платформата и им порача на туристичките објекти и сместувачки капацитети кои не се категоризирани, тоа да го сторат до крајот на месецов за да можат да аплицираат за мерката и своите понуди да ги стават на платформата.
Сместувачките капацитети нема да треба да им издават фискални сметки на граѓаните, туку ќе треба само да достават извештај на крајот на месецот колку ваучери се искористени кај нив, по што ќе им биде исплатено за услугата што ја давале.
Тој ја најави и кампањата „Дома си е дома“ која ќе се одвива преку социјалните мрежи и на други начини, со која ќе се промовираат сите домашни туристички дестинации.

Владата на вчерашната седница ја усвои Уредбата за издавање ваучери, а за оваа мерка се проектирани над 10 милиони евра за поддршка на околу 100 000 граѓани кои од јануари до април не оствариле приходи поголеми од 60 000 денари.
