Директорот на ЦЈЗ-Скопје вели дека има заболени во речиси сите скопски општини, но добра вест, според него, е тоа што сите се поврзани со некој претходно потврден случај
Од денешните 14 новозаболени во Скопје, шест се во Бутел, два во Чаир и по еден во Карпош, Кисела Вода, Студеничани, Сопиште, Ѓорче Петров и Арачиново, истакна директорот на Центарот за јавно здравје – Скопје, Арбен Зибери.
Во гостување на „Топ тема“ на Телма, Зибери рече дека има заболени во речиси сите скопски општини, но добрата вест, според него, е тоа што сите се поврзани со некој претходно потврден случај.
„На пример, имаше дури 20 случаи од едно исто семејство во Сингелиќ, вчера имавме девет од исто семејство во Чаир. Имаме од сите општини, но добрата вест е, јас би рекол, тоа што сите се веќе поврзани со некој претходно дијагностициран којшто е позитивен. Значи, сите се нивни контакти“,
рече Зибери.
Посочи дека на територијата на Град Скопје од 1 100 досега тестирани во градинките, позитивна е само една вработена. Додаде дека освен во државните градинки се вршат тестирања и во приватните градинки.
„Во Скопје има некаде околу 2 000 вработени во градинките, според списоците што ги добивме од МТСП. Досега се тестирани 1 100. Мислам дека до крајот на оваа недела, бидејќи работиме и во саботи и во недели, ќе ги завршиме градинките и, во зависност од тоа што ќе предложи Комисијата за заразни болести, ние ќе продолжиме со скринингот на други целни групи во Скопје“,
рече Зибери.
Тој информира дека од утре ЦЈЗ, во соработка со Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести, ќе почне со тестирање на нивните брисеви што ги собираат на терен. Посочи дека тие имаат капацитет да направат до 50 теста на ден.
