Од 14 март во Франција носењето маски ќе биде задолжително единствено во јавниот превоз. Ковид-сертификатите, пак, ќе се применуваат во здравствените установи, домовите за стари лица, установите за лица со хендикеп, а задолжителна вакцинација ќе се применува и на персоналот кој се грижи за тие лица
Францускиот премиер Жан Катекс најави дека на 14 март-околу еден месец пред претседателските избори, ќе се укине обврската за задолжителна потврда за вакцинација како и носењето маска, освен во јавниот превоз.
„Во понеделник, на 14 март, ќе ја прекинеме обврската за поседување на ковид-сертификат секаде каде што тој досега се применуваше“,
рече Кастекс во интервју за телевизијата TF1, а пренесе српската Н1.
Истиот ден, како што најави францускиот премиер, ќе се укине неопходното носење на заштитни маски на сите места каде што сè уште беше на сила, односно главно во затворени простории.
Ќе останат две мерки, а тоа е носење маска во јавниот превоз, додека ковид-сертификатот ќе остане потребен во здравствените установи, домовите за стари лица, установите за лица со хендикеп, а задолжителна вакцинација ќе се применува и на персоналот кој се грижи за тие лица.
„Ситуацијата се подобрува благодарение на нашите колективни напори и мерките што ги преземавме. Исполнети се условите за нова фаза на ублажување“,
рече францускиот премиер.