Од селекцијата испаднале дипломираните економисти Зоран Наумов од Кавадарци и Костадин Кус Иванов од Скопје, како и дипломираниот криминалист Бранко В`чков од Скопје, објави Телма
Од 13 кандидати, колку што се пријавија на огласот на Собранието на избор за нов претсдател на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), селектирани се имињата на 10, за кои постапката продолжува следната недела.

Иако огласот за пријавување кандидати за шеф на Антикоруциска беше објавен уште летово, постапката беше времено прекината поради локалните избори, а од Собранието тогаш соопштија дека таа ќе продолжи по нивното завршување.
Комисијата за селекција на кандидати за претседател на ДКСК што ја формираше собраниската Комисија за прашањата на изборите и именувањата, го завршила процесот на селекција и во вторник ќе почнат интервјуата со десеттемина одобрени имиња од пријавените 13, објави телевизијата Телма.
Меѓу кандидатите кои го поминале првиот филтер е Весна Доревска од Скопје, дипломиран правник, а која беше помошник-министер за правни работи во Министерството за внатрешни работи. Доревска беше и сведок во судската постапка за предметот „Таргет-Тврдина“, во делот кој се однесуваше на уништувањето на опремата за прислушување во поранешната Управа за безбедност и контраразузнавање (УБК).
Втор на листата, како што наведува Телма, е Владимир Наумоски од Скопје. Тој е дипломиран правник, со поможен правосуден испит и магистер по деловно право, а е член на Комисијата за заштита од конкуренција.
По него на листата на селектирани кандидати е Антонио Санев, дипломиран правник и магистер по меѓународно право. Санев, исто така, доаѓа од Скопје и е поранешен началник во Министерството за внатрешни работи.
Првиот филтер го поминале и Бранко Смилевски од Скопје – дипломиран економист, магистер на науки за антикорупција, кој е актуелен помошник на Главниот ревизор, адвокатите Валентина Тодоровска од Скопје – дипломиран правник со положен правосуден испит и Ненад Трифуновски од Тетово – дипломиран правник со положен правосуден испит.
Меѓу кандидатите кои ќе бидат поканети на интервју е и Благица Трошанска од Скопје, дипломиран правник и магистер на политички науки, актуелна раководителка на сектор во Министерството за одбрана, потоа проф. д-р Кимо Чавдар од Скопје, дипломиран правник со положен правосуден испит и доктор на политички науки, Адем Чучуљ од Скопје, дипломиран правник, кој е и актуелен генерален секретар на ДКСК, како и Феузи Џафери од село Чајле-Гостивар – дипломиран правник со положен правосуден испит и магистер по дипломатија, кој се кандидираше и за Народен правобранител, но не беше избран.
Од селекцијата испаднале дипломираните економисти Зоран Наумов од Кавадарци и Костадин Кус Иванов од Скопје, како и дипломираниот криминалист Бранко В`чков од Скопје.
Инаку, Комисијата што ја вршеше селекцијата ја сочинуваа заменик-народниот правобранител, Илбер Руфати, Дарко Аврамовски и Балдри Јашари, членови на Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество, како и пратениците Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ, Саранда Имери-Стафаи од коалицијата ВЛЕН, Митко Трајчулески од СДСМ и Арбана Пашоли од ДУИ.
Тие беа избрани уште во август и добија овластување да вршат обработка на личните податоци, а доставија и изјави со кои се обврзаа да обезбедат нивна тајност и заштита согласно Законот за заштита на лични податоци, но нивната работа беше прекината поради изборите со што и целиот процес беше ставен во мирување.
Огласот за претседател на ДКСК доаѓа откако досегашната прва антикорупционерка Татјана Димитровска поднесе оставка на 25 јули годинава. Оставката следуваше откако Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) поднесе обвинение против неа во рамки на предметот „Адитив“. Обвинета е за две кривични дела – оддавање службена тајна и компјутерски фалсификат.

Според обвинението, на Димитровска ѝ се става на товар оддавање службена тајна на ексдиректорот на ТЕЦ „Неготино“ и обвинет во случајот „Адитив“, Небојша Стојановиќ, како и за тоа дека се здобила со безбедносен сертификат за пристап до класифицирани информации откако друг го положил испитот во нејзино име.
На 30 септември почна и судскиот процес против нив, кој се води одвоено од оној за предметот „Адитив“.
Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) сега има замник-претседател што се избира по принципот на ротација по азбучен ред во период од шест месеци.
На 21 август функцијата ја презеде Цвета Ристовска, а пред неа беше Билјана Каракашова-Шулев.
