Новиот систем, чија целосна имплементација се очекува да заврши до април 2026 година, предвидува граѓаните кои доаѓаат од земји надвор од ЕУ или Шенген-зоната да остават биометриски податоци при првиот влез во некоја од членките на Унијата
Министерството за внатрешни работи (МВР) денеска преку писмено соопштение ги информира граѓаните за деталите околу воведувањето на Системот за влез и излез (ЕЕС), што Европската Унија постепено ќе почне да го воведува од 12 октомври при влез во земји членки на Унијата.

Новиот систем, чија целосна имплементација се очекува да заврши до април 2026 година, предвидува граѓаните кои доаѓаат од земји надвор од ЕУ или Шенген-зоната да остават биометриски податоци (отпечаток од прст и фотографија) при првиот влез во некоја од членките на Европската Унија.
„При првото патување по воведувањето на системот, патниците ќе поминат низ целосен процес на регистрација кој вклучува фотографирање, скенирање на отпечатоци од прсти и внесување податоци од пасошот. За да се олесни процедурата, на граничните премини ќе има и пунктови за самопослужување, а можно е и претходно предрегистрирање преку мобилни апликации. При следните патувања, контролата ќе биде значително побрза бидејќи податоците веќе ќе бидат складирани во системот и ќе се врши само нивна проверка“,
наведуваат од МВР.
Додаваат дека системот ќе биде активен на сите надворешни гранични премини на 29 земји, меѓу кои Грција, Бугарија, Австрија, Германија, Франција, Италија, Шпанија, Шведска, Исланд, Норвешка, Швајцарија и Лихтенштајн.
„ЕЕС се однесува на сите државјани од земји кои не се членки на Европската Унија или Шенген-зоната и кои патуваат за краток престој (до 90 дена во рамки на 180 дена). Тоа ги опфаќа: патниците кои се ослободени од виза за влез во ЕУ и патниците кои поседуваат виза за краток престој. Граѓаните на земјите членки на ЕУ и на Шенген-зоната не подлежат на новиот систем“,
посочуваат од Министерството.
Целта на ЕЕС-системот, како што наведуваат од МВР, е зголемена безбедност на граѓаните преку подобро откривање на фалсификувани документи и идентитетски измами, подобрена борба против криминалнот, тероризмот и нелегалната миграција, олеснување на патувањето преку побрзи и поефикасни гранични проверки, како и прецизна дигитална евиденција за времетраењето на престојот.
„Во периодот од октомври 2025 до април 2026 системот ќе се воведува по фази. Тоа значи дека дел од патниците сè уште ќе добиваат печат во пасошите, додека постепено сите гранични премини не преминат на целосна дигитална евиденција. Од 10 април 2026, печатите во пасошите целосно ќе бидат заменети со електронски записи“,
наведуваат од МВР.
Од Министерството наведуваат дека сите податоци на граѓаните ќе се обработуваат и ќе се чуваат согласно строгите стандарди на ЕУ и Општата регулатива за заштита на податоци, а до граѓаните апелираат навремено да се информираат за новите правила и постапки при патувањата во ЕУ.