Новините се однесуваат на одобрување на тип на возило, единечно одобрување на возило, идентификација и оцена на техничката состојба и издавање на потврди за исполнетост на техничките барања за возилата

Од 1 септември, Македонија ќе почне да применува поедноставен и поевтин систем за одобрување на возила, со што се усогласува со европските стандарди. Како што информираат од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини измените биле презентирани на работен состанок на кој присуствувале над 40 овластени застапници и импортери. Промените, додаваат од Министерството, доаѓаат по 17 години од донесувањето на Законот за возила.
Новините се однесуваат на одобрување на тип на возило, единечно одобрување на возило, идентификација и оцена на техничката состојба и издавање на потврди за исполнетост на техничките барања за возилата.
Според Министерството, досега за непотребни TÜV потврди годишно се трошеле дури 1,3 милиони евра, од кои голем дел завршувале кај странски компании. Со новите правила, овој процес ќе се регулира преку овластените домашни застапници.
Возилата кои веќе имаат одобрение на тип во ЕУ или во земјава, повеќе нема да минуваат низ посебна постапка за единечно одобрување. Ова значи дека директно ќе се испраќаат на идентификација и оцена на техничката состојба.
Според објаснувањето од министерството, Бирото за метрологија двојно ќе ги скрати роковите за одобрување на тип, со цел да се забрза целата постапка, а цените на услугите ќе се регулираат со нов правилник.
Од Министерството велат дека потврдите за исполнетост на техничките карактеристики кај застапниците ќе чинат од 40 до 50 евра.
Министерката Сања Божиновска истакна дека целта е да се изгради систем на доверба меѓу институциите и импортерите, нудејќи јасна и навремена услуга за граѓаните.
Според неа, со овие измени, се гради партнерски однос со импортерите, што е клучен чекор кон приближување на домашните процедури со европските стандарди и обезбедување на поефикасна и транспарентна услуга за сите.