Со тоа, како што информираат од централната банка, се заокружува процесот на усогласување со правилата и стандардите што се применуваат во Европската Унија за безбедно онлајн плаќање
Од недела (1 март) во сила стапува обврската за банките за дополнителни сигурносни проверки на клиентите при онлајн плаќања со платежни картички, информираат од Народната банка.

Станува збор за законска обврска што им налага на банките преку засилена автентикација на клиентите да обезбедат заштита на паричните средства на граѓаните и на компаниите при извршувањето на плаќањата без физичко присуство.
Зголемените сигурносни проверки, како што наведуваат од централната банка, се воведуваат бидејќи сè поголем број граѓани и компании купуваат производи преку интернет со онлајн плаќање, а со тоа дигиталните напади и обидите за злоупотреби на податоците од картичките стануваат сè почести.
„Имајќи предвид дека граѓаните и компаниите имаат сѐ поголема потреба за извршување секојдневни онлајн купопродажби, а со тоа и плаќања преку интернет, заради нивната брзина и практичност, се зголемува и потребата од повисоко ниво на безбедност. Дигиталните напади и обидите за злоупотреба на податоците од картичките стануваат сѐ почести, па затоа се воведува дополнителна проверка на идентитетот на лицето кое го врши плаќањето“,
се вели во соопштението од Народната банка на Република Северна Македонија.
Засилената автентикација, како што појаснуваат оттаму, му овозможува на клиентот на конкретна банка, при плаќање на интернет, покрај внесувањето на податоците од картичката, да даде дополнителна потврда за трансакцијата преку официјална апликација на банката, којашто се инсталира на мобилен телефон и му овозможува безбедно да ги следи своите сметки и да одобрува плаќања.
Имено, наместо досегашната потврда со СМС-код, клиентот ќе добие известување преку мобилната банкарска апликација и ќе треба да ја одобри трансакцијата. Потврдата се врши со персонален идентификациски број (ПИН) за апликацијата, отпечаток од прст или препознавање на лице. Без оваа потврда, плаќањето нема да може да се изврши, дури и ако некој ги има податоците од картичката.
Засилената автентикација, како законска обврска за давателите на платежни услуги, произлегува од Законот за платежни услуги и платни системи и како механизам постепено се воведува во земјава. Како што посочуваат од Народната банка, таа веќе е во примена при вршењето онлајн увид во платежните сметки од страна на клиентите, како и при извршувањето на плаќања со картички на физичките продажни места или со платни налози преку електронското или мобилното банкарство.
Со примената на механизмот и при плаќањата преку интернет, од 1 март 2026 година, се заокружува процесот на усогласување со правилата и стандардите што се применуваат во Европската Унија за безбедно онлајн плаќање.
„Со оваа промена се зајакнува довербата во дигиталните плаќања и се унапредува заштитата на корисниците“,
велат од Народната банка.
