Врз основа на анализите, утврдено е намалување на цените кај 156 оригинаторни лека, 174 генерички лека и 13 лека од интервентен увоз. Според најавите, новите цени ќе почнат да се применуваат од 1 мај годинава, по периодот во кој фармацевтските компании ќе ги усогласат цените во прометот на големо и на мало
Министерството за здравство информира дека со годишното усогласување на максималните цени на лековите за 2026 година се намалуваат цените на повеќе од 300 лека.

Врз основа на анализите, утврдено е намалување на цените кај 156 оригинаторни лека, 174 генерички лека и 13 лека од интервентен увоз. Според најавите, новите цени ќе почнат да се применуваат од 1 мај годинава, по периодот во кој фармацевтските компании ќе ги усогласат цените во прометот на големо и на мало.
„Особено го издвојуваме намалувањето на цената на лекот ‘ксарелто’ (‘ривароксабан’), што се користи во третман на кардиоваскуларни заболувања. Кај овој лек е постигнато значително намалување на цената во прометот на големо: за таблети од 15 милиграми и 20 милиграми: од 2 307,48 денари на 1 606,10 денари, за таблети од 10 милиграми: од 824,10 денари на 589,45 денари“,
велат од Министерството за здравство.
Според министерот Азир Алиу, со мерката се овозможува поголема достапност на терапијата за пациентите, особено имајќи предвид дека станува збор за лек што често се набавувал од странство поради пониски цени. Овој лек, како што соопштија дополнително од Министерството, е приоритет за вклучување на Позитивната листа за примарна здравствена заштита во текот на 2026 година.
„Предлогот е веќе доставен до Управниот одбор на Фондот за здравствено осигурување, со што се очекува дополнително олеснување на трошоците за пациентите преку утврден надомест од државата, а пациентот ќе има право на избор на лек од различен производител“,
велат од МЗ.
