Евтината тарифа не ја воведуваме од какви било политички причини, туку заради сигналот на цената на електрична енергија на сите берзи во Европа, вклучувајќи ја и нашата. Цената на електричната енергија осум месеци наназад е пониска дури и од цената после 24 часот, вели претседателот на РКЕ
Од 1 декември, во периодот од 13 до 15 часот, се враќа евтината тарифа за електричната енергија, објави денеска на прес-конференција претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) Марко Бислимовски.
Тоа, како што рече Бислимовски, е максимумот што можело да се направи. Тој очекува операторите во наредниот период да ја почнат промената на броилата.
„Евтината тарифа не ја воведуваме од какви било политички причини, туку заради сигналот на цената на електрична енергија на сите берзи во Европа, вклучувајќи ја и нашата. Цената на електричната енергија осум месеци наназад е пониска дури и од цената после 24 часот“,
рече Бислимовски.
Бислимоски вели дека сега ЕСМ и „ЕВН хоум“ треба да ги интензивираат набавките на електрична енергија во текот на денот. Исто така, како што рече Бислимоски, со ова се дава сигнал на ЕСМ да се вклучи и во купопродажба на електрична енергија од нашата берза и дополнително да склучува договори со фотоволтаичните електрани кои се направени во државата, а цената да биде далеку пониска отколку што е пазараната цена.
„На тој начин ќе штедиме вода и јаглен. Сето тоа ќе придонесе кон намалување на вкупните трошоци на целиот енергетски систем и тоа ќе биде бенефит за сите потрошувачи“,
рече Бислимоски.
Дневната евтина тарифа за електрична енергија беше укината на 1 јануари 2022, кога имаше зголемување на цената на електричната енергија. Но, граѓаните и понатаму користат евтина струја само во текот на ноќта, од 22 до 7 часот секој ден, а таа трае и во недела цел ден.