Претседателот на српскиот парламент Ивица Дачиќ изјави дека однесувањето на австралиските власти кон тенисерот Новак Ѓоковиќ, кој помина неколку дена во притвор во Мелбурн, поради испрашувањата во врска со медицинското ослободување за влез во таа земја без потврда за вакцинација против коронавирус, е „генерално срамно“ и „политичко малтретирање“.
Дачиќ, кој е и поранешен министер за надворешни работи, за ТВ Хепи изјави дека очигледно австралиските власти ќе одлучат да го депортираат Ѓоковиќ, кому ќе му биде забранет влез во таа земја на три години доколку му биде укината визата.
„Секоја држава има дискрециско право да одбие некому да влезе во земјата, но речиси никогаш не се работело за познати личности како што сега се прави со Новак Ѓоковиќ. Тоа е нешто што ретко се гледа. Генерално, таа постапка е срамна и мора да има реакција од наша страна“,
изјави Дачиќ.
Тој оцени и дека државата има ограничено поле каде што може да реагира.
Претходно, судот во Австралија ја прифати жалбата на Ѓоковиќ и ја поништи одлуката за укинување на визата донесена од австралиските власти. Откако судот донесе одлука во корист на тенисерот, австралискиот вицепремиер Кристофер Тран изјави дека министерот задолжен за имиграциска политика Алекс Хок ќе размисли дали ќе ги искористи личните овластувања за да му ја одземе визата на српскиот тенисер. Таквата одлука ќе значи дека Ѓоковиќ нема да може да влезе во Австралија во следните три години, но и во случај на таква одлука постои опција за жалба.
Photo: EPA-EFE/JOEL CARRETT AUSTRALIA AND NEW ZEALAND OUT