Портпаролката на СДСМ повторно ја повика власта да не чека и да не одолговлекува со декласифицирањето на документите, за да можат да видат граѓаните дали премиерот навистина бил следен, кој бил следен и со кого тој комуницирал
Опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) вели дека случајот со Агенцијата за национална безбедност (АНБ) власта очигледно го подготвувала со месеци за да ѝ послужи како оружје против СДСМ пред избори.
Но, како што кажа портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, на денешната прес-конференција „бомбата им пукнала в рака“.

„Очајни се обидите на ВМРО-ДПМНЕ да се извади од кашата во која самите се ставија, откако се заиграа со измислени шпионски афери за да дефокусираат од сопствената неспособност“,
рече Кузеска.
Таа повторно го пренесе ставот на СДСМ кој бара декласификација на документите во врска со наводите за прислушувањето, во кое според тврдењата на власта таргет бил и премиерот Христијан Мицкоски, како лидер на тогаш опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Таа ја повика власта да не чека и да не одлговлекува со декласифицирањето на документите, за да можат да видат граѓаните дали премиерот навистина бил следен, кој бил следен и со кого тој комуницирал.
„Бидете еднаш во вашето 30-годишно постоење храбри и чесни, барем тоа му го должите на овој народ. Па сите кои злоупотребиле – нека одговараат. Од што се плашите? Дали се плашите дека содржината на овие документи ќе ја разоткрие вистината – врските на премиерот со странски служби од непријателски држави? Дали е точно дека оперативната обработка која ја воделе АР и АНБ, а која власта упорно одбива да ја декласифицира, се однесува на откривање руски агентурни мрежи, екстремизам и финансирање на дестабилизација на државата? Дали е точно дека Мицкоски, иако не бил цел на следење, влетал во комуникација со лица кои работат на дестабилизација на Македонија, финансирани со странски пари? И најважното: дали дел од тие финансии завршиле лично кај Христијан Мицкоски или во сефовите на Белата палата?“,
изјави Кузеска на денешната прес-конференција.
Претходно денеска, владејачката ВМРО-ДПМНЕ го посочи поранешниот директор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Виктор Димовски, како главен извршител на наводното прислушување, чиј таргет бил и премиерот Хрстијан Мицкоски како тогашен лидер на опозицијата, наведувајќи дека попусти се обидите на Димовски да се извлече.
Ставот на партијата, што го пренесе пратеникот Бране Петрушевски, е своевидна реакција на интервјуто на Димовски за „360 степени“, во кое категорично ги отфрла наводите дека има документација која се однесува на прислушување и следење на Мицкоски, додека тој бил на чело на АНБ.
„Главен извршител бил Виктор Димовски и свесен за последиците од признанието на СДС во паника негира и бега од последиците на своето делување. Виктор Димовски многу добро знае што правел, и какви кривичноправни последици има тоа. Виктор Димовски да признае што правел и по чија наредба од врвот на политиката“,
рече Петрушевски на денешната прес-конференција пред партиското седиште.
Инаку, владејачката ВМРО-ДПМНЕ и опозицискиот СДСМ изминатите денови се во жестока кампања на меѓусебни обвинувања, откако премиерот и актуелниот директор на АНБ, Бојан Христовски, во понеделникот потврдија дека е доставена документација до Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција за наводни злоупотреби во Агенцијата во периодот од 2019 до 2024 година.