Мерката „новогодишна кошничка“ се очекува да започне да се применува од утрешниот ден, а со неа според најавите на заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески, граѓаните ќе бидат во можност да купуваат производи со пониски цени од минимум десет проценти
Бројот на производи кои ќе бидат опфатени со мерката „новогодишна кошничка“ се очекува да достигне преку илјада, рече денеска заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески. Тој вели дека започнувајќи од утре, граѓаните ќе можат да ги купат овие производи со пониски цени од минимум десет проценти и ги повика граѓаните да вршат секојдневен мониторинг на цените на производите од осумдесетте компании и да пријават доколку забележат нерегуларности во цените.
„Ги повикувам граѓаните, синдикатите заедно со пазарниот инспекторат кој ќе биде постојано на терен, да следат и да се уверат дека производите во кошничката се намалени најмалку 10 проценти од најниската цена од претходниот месец пред да започне акцијата. Така што, не верувам дека има некои изигрувања, зашто компаниите и маркетите ја понудија оваа акција и не верувам дека самите ќе ја изиграат“,
рече Ристески.
Тој рече и дека очекувањата се оти граѓаните ќе ги поминат новогодишните празници со поголема заштеда во домашниот буџет и оти во кошничката се изоставени одредени производи како шеќерот, какаото, кафето и маслото за да не се направат големи штети на компаниите.
„Овие производи не ги ставивме во мерката зашто не сакавме да им наштетиме на компаниите кои зависат од домашниот пазар, но и од цените на суровините на светските берзи, кои во моментов се многу зголемени. Но, има и одговорни компании кои и на овие изземени производи дадоа одредени попусти“,
кажа заменик-министерот.
Претходно денеска, од опозициската СДСМ соопштија дека трговците веќе ги зголемиле цените и оти најавите дека бројот на производи опфатени со новогодишната кошничка се зголемува, е залудно затоа што цените во маркетите растат, а граѓаните живеат сѐ потешко.
„Џабе е зголемен бројот на производи кои се дел од новогодишната кошничка кога трговците веќе ги зголемија цените на овие производи. Политиките на власта со кошнички се промашени и немаат никаков ефект. Измамата со кошничките граѓаните ја гледаат секој ден во маркетите каде што цените се зголемени“,
се вели во денешното соопштение од СДСМ.
Најавената т.н. новогодишна кошничка ќе стартува на 15 декември и ќе трае до 15 јануари следната година
Во новогодишната кошничка спаѓаат: леб и житарки, пекарски производи, месо и преработки од месо, риба, млеко и млечни производи, кондиторски производи, свежо, замрзнато и конзервирано овошје и зеленчук, безалкохолни (газирани и негазирани) напитоци, алкохолни пијалаци (вино и пиво) и друго.
Листата на прехранбените производи кои се дел од новогодишната кошница граѓаните може да ја најдат на веб-страницата www.mojakosnica.mk. Производите што ќе бидат опфатени со акцијата, во маркетите ќе бидат обележани со натписот „Помалку трошоци, повеќе за тебе“.
Листата на производи чии цени треба да бидат намалени е скроена, односно понудена во договор со стопанските комори, производителите, трговците и дистрибутерите.