Советот на Народната банка донесе одлука за воведување нов модел на надоместоци што банките ги плаќат за услугите на Македонскиот интербанкарски платен систем (МИПС), со што се воспоствува поедноставна и поконкурентна структура на тарифите
Очекувањата на Народната Банка се дека банките ќе се однесуваат одговорно и разумно и оти ќе ги намалат надоместоците кои се наплаќаат за граѓаните, по вчерашната одлука на Советот на Народната банка со која се создаде простор за намалување и поедноставување на трошоците кои на граѓаните им се наплаќаат од страна на банките.

Изјавата на гувернерот Трајко Славески доаѓа откако вчера, Советот на Народната банка донесе одлука за имплементирање на нов модел на надоместици што банките ги плаќат за услугите на Македонскиот интербанкарски платен систем (МИПС). Согласно оваа промена, сега се воспоствува поедноставна и поконкурентна структура на тарифите, а тоа ќе овозможи пониски трошоци за електронските плаќања и ќе придонесе за поевтини услуги кон граѓанте и компаниите.
Тој вели оти разговарале со сите 13 банки кои работат во земјава и очекувањата се дека тие ќе го следат сигналот од Народната Банка, а во спротивно, вели постојат начини и идеи како би постапиле во иднина.
„Како Народна Банка се разликуваме од банките во третманот на платниот систем. Платниот систем е крвоток на економијата и тоа е третманот на јавна корист која не се разликува снабдување со вода, струја, телекомуникации.. Да се овозможи значителен пристап до секој полнолетен граѓанин до услугите на платниот систем за извршување трансакции кои се дел од секојдневното живеење мора да има и таков тртеман“,
рече Славески.
Славески вели оти на состанокот со Македонската банкарска асоцијација укажале на ставките според меѓународните стандарди и праксата на мајките банки на банките кои се присутни во земјава со доминатен странски капитал, да се приспособат кон овие стандарди.
„Одлука на секоја банка е да ги следи сигналите на Народната банка и ние стекнавме таков впечаток во разговорите, очекуваме не само ова од што ние се откажуваме како Народна Банка како олеснување за дологовниот промет при порамнувањето, туку дополнителни намалувања на издатоците што ги имаат граѓаните и приватниот сектор кон банките“,
рече гувернерот.
Дополнително, беше донесена и одлука со која се воведува тарифа за плаќањата на органите на државата со земјите од СЕПА во фиксен износ од три евра по трансакцција за електронски иницираните налози, како и пет евра за налозите иницирани на хартија, наместо просечните 14 евра по трансакција преку коресподентно банкарство.
Одлуката треба да стапи на сила на први август. Гувернерот рече и оти банкарскиот сектор е стабилен, и покрај светските предизвици, а Народната банка и во иднина ќе ги води своите политики одговорно и внимателно, заради одржување на финансиската стабилност и за унапредување на платниот систем во земјата.