Мицкоски потенцираше дека Македонија останува држава со најниски цени на енергенси и единствена што оваа недела ги намалува цените на нафтата и нафтените деривати. Според него, со ова уште еднаш се потврдува успешноста на владината политика во делот на справување со, како што рече, оваа епска историска енергетска криза што е поголема од двете кризи во 70-тите години и кризата во 2022 година заедно

Премиерот Христијан Мицкоски денеска ги објави очекувањата на Владата за новите цени на нафтените деривати што треба да ги објави Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ).
Тој рече дека очекува на следната седница на регулаторот да се донесе одлука со која ќе има намалување на цената на дизелот за 2,5 денари, а на бензините Еуросупер 95 и Еуросупер 98 за 1,5 денари.
Како што посочи премиерот, максималната цена за Еуросупер 95 ќе биде 82 денари за литар (1,33 евроценти), на Еуросупер 98 – 84 денари за литар (1,37 евроценти), а на дизелот 95,5 денари за литар (1,55 евроценти), без попустите од ОКТА од два денара за бензините, односно три денари за дизелот.
Појасни дека овие очекувања за идната одлука на РКЕ се врз основа на направена анализа на движењата на цените на нафтата и нафтените деривати на берзите во изминатата недела.
„Остануваме и следната недела на мерките со намалување на ДДВ од 18 на десет проценти и одлуката за усогласување на акцизите, со која РКЕ може да постапува. Остануваме и понатаму држава која навремено и сигурно ги обезбедува сите количини на нафта и нафтени деривати за граѓаните и бизнисите“,
рече Мискоски.
Премиерот истакна дека државата има доволни количини горива да го амортизира и притисокот од соседството.
„Имаме денови кога конзумот е зголемен за 30 проценти споредено со просекот во минатото и достигнуваме до два милиони литри на ден, што претставува апсолутен рекорд. Најголемиот притисок се врши на северната, западната и јужната граница, но имаме доволни количини на бензинските пумпи за граѓаните од нашите соседни држави и можеме да обезбедиме тие да добиваат гориво од бензинските станици во тие погранични општини“,
рече Мицкоски.
Според Мицкоски, со ова уште еднаш се потврдува успешноста на владината политика во делот на справување со, како што рече, оваа епска историска енергетска криза што е поголема од двете кризи во 70-тите години и кризата во 2022 година заедно. Потенцираше дека Македонија останува држава со најниски цени на енергенси и единствена што оваа недела ги намалува цените на нафтата и нафтените деривати.
Премиерот рече дека на следната Владина седница ќе се направи анализа на извештајот на Министерството за економија и труд и Инспекторатот за труд за цените на производите. Врз основа на таа анализа ќе се носат идните одлуки.
