Она што сега го чекаат, рече лидерот на СДСМ, е владејачката ВМРО-ДПМНЕ да ги испорача ветувањата дадени пред изборите, дека ќе обезбедат подобра преговарачка позиција и ќе ја променат Преговарачката рамка
Филипче денеска го повтори повикот за одржување собраниска седница на која сите парламентарни политички партии ќе разговараат за евроинтегративниот процес
Лидерот на опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ) Венко Филипче очекува сега, кога има политички соговорник во Софија, македонската влада што поскоро да ги започне разговорите за одмрзнување на преговорите за членство во Европската Унија, како што претходно најавуваше.
Се надева дека во тој процес ќе се вклучат и Европската Унија и Соединетите Американски Држави (САД), како наш традиционален партнер.
„Сметаме дека Владата кажуваше и порано дека очекува да се формира политичка влада во Бугарија и на тој начин да разговараат. Сега очекувам, откако се формираше таа политичка влада во Бугарија, час поскоро да го започнат тој процес на разговори затоа што времето одминува. Албанија оди напред, Црна Гора оди напред, а ние сериозно заостануваме“,
рече Филипче одговарајќи на новинарски прашања по одбележување на 153-годишната од раѓањето на великанот на македонската револуционерна борба Гоце Делчев.
Она што сега го чекаат, рече лидерот на СДСМ, е владејачката ВМРО-ДПМНЕ да ги испорача ветувањата дадени пред изборите, дека ќе обезбедат подобра преговарачка позиција и ќе ја променат Преговарачката рамка.
„Ќе го поддржиме кој било подобрен предлог што ќе дојде на маса“,
додаде Филипче повторувајќи го веќе познатиот негов и партиски став за ова прашање.
Тој рече оти смета дека треба да го повтори повикот за одржување собраниска седница на која сите парламентарни политички партии ќе разговараме за тој процес.
Филипче на почетокот на октомври лани го повика премиерот Христијан Мицкоски на затворена седница во Собранието да го каже својот план за продолжување на евроинтегративниот процес на земјава.
Инаку, според Филипче, СДСМ како дел од Владата во изминатите седум години направил сè за да се надминат блокадите поради кои процесот тапкал во место со години и со децении.
„Се направи Преспанскиот договор со којшто се реши проблемот со Грција, благодарение на што станавме членка на НАТО. Понатаму со тие договори и декларации, коишто поминаа во Собранието, т.н. француски предлог практично започна процесот на преговори со Европската Унија. И сега сме на прагот да се започнат, после завршувањето на скринингот, отворањето на поглавјата. Во таа смисла СДСМ направи сè, како што правеше и во изминатите 30 години, земјата да ја поттурне напред. Сега чекаме Владата да ги испорача ветувањата од пред изборите дека ќе обезбедат подобра преговарачка позиција“,
рече тој.
Одговарајќи на прашањето дали Бугарија ќе ја промени позицијата, со оглед на тоа дека премиерот на РСМ, Христијан Мицкоски, е апсолутно категоричен дека додека е тој претседател на Владата, Бугарите нема да бидат внесени во Уставот, без јасни гаранции од Европската Унија, министерот за надворешни работи на новата Влада на Бугарија, завчера во интервју за бугарската БТВ, изјави дека доколку нема исполнување на преземените обврски, Унијата нема како да го продолжи пристапниот процес на Република Северна Македонија.
„Тука не зборуваме само за Бугарија и тоа треба јасно да го потенцираме. Таканаречениот ‘француски предлог’, тоа што се случи за време на 2022 година, е меѓу сите членки на ЕУ и РСМ. Тука зборуваме за обврски што далеку го надминуваат двостраниот (билатерален) спор. Зборуваме за нешто со кое се согласиле сите држави членки на ЕУ и РСМ. Така што, ако обврските не бидат запазени, ЕУ нема како да го продолжи патот за присоединување на РСМ“,
вели бугарскиот шеф на дипломатијата.
За најавите дека премиерот на С Македонија ќе побара средба со неговиот бугарски колега Росен Жељазков, Георгиев смета дека ако таква средба биде протоколарно побарана, претпоставува дека ќе биде разгледана низ призмата на нејзината сериозност.