Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ ги повика и граѓаните кои гласале за СДСМ во првиот круг, во вториот в недела да излезат и да го дадат својот глас за нивниот кандидат и на тој начин да го делигитимираат актуелното раководство на социјалдемократите
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска во селото Волино во општина Дебарца порача дека очекува изборната трка за локалните избори да ја завршат со „фантастична бројка од обезбедени 60 градоначалнички мандати“.

На оваа бројка, рече тој, ќе ја додадат и бројката на победи за советите во 59 општини, освоени на 19 октомври.
„Тоа е резултат што не обврзува, но и мотивира да работиме уште попосветено и посилно, иако како Влада изминатите 16 месеци навистина премногу интензивно се вложивме за да докажеме дека може поинаку. Ние чуда ниту ветуваме ниту чуда се возможни, туку веруваме дека скромно и посветено, чесно успеавме да обезбедиме историска победа на овие локални избори“,
рече Мицкоски.
Тој истакна дека кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Златко Сиљаноски, како иден градоначалник на Дебрца ќе ја има целосната поддршка на централната власт, а сè во насока на подобрување на животот на граѓаните на општината.
Според него, овие избори јасно покажале која е политичката опција што граѓаните ја поддржуваат.
„Кога на резултатот на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе се додадат и резултатите на останатите владини коалициски партнери во кои огромна заслуга има ВМРО-ДПМНЕ, тогаш доаѓаме до бројка од фантастични над 70 градоначалници, нешто што досега не го памети независна Македонија“,
рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Мицкоски ги повика и граѓаните кои гласале за СДСМ во првиот круг, во вториот в недела да излезат и да го дадат својот глас за Златко Сиљаноски и на тој начин да го делигитимираат актуелното раководство на социјалдемократите.
Кандидатот за градоначалник Златко Сиљаноски во обраќањето пред гласачите рече дека нуди реална, проверена програма што во целост ќе биде испочитувана, во интерес на секој граѓанин на Дебарца и за секое населено место во општината.
„Наша цел е да го подобриме животниот стандард на сите граѓани без какви било поделби. Тоа е нашето мото на кое ќе бидеме целосно посветени. Заедно со советничката листа, со помошта на централната власт остануваме посветени да ја направиме општина Дебарца прекрасно место за живеење на сите граѓани“,
рече тој.

Сиљаноски, во првиот круг од локалните избори одржан на 19 октомври освои 1 212 гласа, пред сè уште актуелниот градоначалник и независен кандидат, Зоран Ногачески, чија кандидатура ја поддржаа 663 гласачи.
ВМРО-ДПМНЕ победи на листата за Советот на општината со освоени шест од девет места во раководното тело на општината.
