Според министерот, процесот ќе се случува во 2026 година, но динамиката ќе зависи од ЕК
До Европската комисија (ЕК) се испратени измените и дополнувањата на Законот за електронски комуникации кои целосно се усогласени со барањата на Европската Унија во делот на безбедност, на фер користење на роамингот, на цени, но и на утврдување на прекуграничните цени. По добивање на коментарите од ЕК, утврдениот текст ќе биде испратен до Собранието и донесен, со што ќе бидеме правата држава во регионот што ќе ги исполни условите за „роаминг како дома“. Ова денеска го рече министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, кој посочи дека со овој тек на настаните се финализираат активностите за усогласување со европската регулатива за воведување на моделот „роаминг како дома“.
Како што посочи, ЕК пред две недели официјално го отвори процесот за сите држави од Западен Балкан, меѓу кои и Македонија, со напомена дека секоја од нив ќе мора поединечно да ги исполни условите пред започнување билатерални преговори.
По исполнувањето на сите критериуми, според него, земјата може да влезе во преговори со ЕК, која ќе биде посредник пред европските телекомуникациски оператори, со кои ќе постигнеме договори.
„Очекувам дека тоа ќе се случува во 2026 година, но динамиката ќе зависи од ЕК, ние сме подготвени“,
кажа министерот.
Зборувајќи за прецизирање на законската рамка за инфлуенсерите и креаторите на содржини на социјалните мрежи, рече дека вчера е одржан состанок со Здружението на инфлуенсери, а веќе е закажан состанок со директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (AAАВМУ).
„Има една недореченост во законот за АААВМУ кој не прави разлика помеѓу платформа и креатор на содржини, не разликува што е тоа платформа како Инстаграм, Фејсбук, Јутјуб и што е тоа креатор што ја користи оваа платформа да пласира своја содржина. Ќе видиме дали ќе треба да се оди со дополнителни менувања на правилникот или, пак, ќе мораме да одиме со законска измена која ќе го разјасни овој дел за да бидеме на линија на тоа што се европски барања, затоа што во ЕУ се прави јасна дистинкција за тоа што е платформа, а што се креатори на содржини“,
рече Андоновски.
Европската комисија на 25 февруари објави дека ќе побара одобрение од Европскиот совет за отворање преговори со земји од Западен Балкан за укинување на роамингот за оние што патуваат во државите членки на ЕУ. Ова би се однесувало на Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора и Србија.
Сега Советот на ЕУ треба да ѝ даде на Комисијата овластување да отвори преговори со партнерите од Западен Балкан. Откако ќе добие овластување, Комисијата ќе преговара за билатерални договори со секоја од шесте земји.
Инаку, „360 степени“ минатиот месец ја актуализира темата за „роаминг како дома“ откако на 1 јануари на Молдавија и Украина и формално им беше укинат роамингот.
Во врска со тоа зошто Северна Македонија не е дел од системот на ЕУ наречен „роаминг како дома“, министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, во интервју за „360 степени“, рече дека идејата е на маса уште од 2014 година, но не е реализирана поради два клучни аспекти.
Во однос на тоа кој е реалниот рок за земјите од Западен Балкан да имаат роаминг со ЕУ по цени како да се дома и кои се предусловите за да се дојде до вакво решение, од Делегација на ЕУ за „360 степени“ велат дека прво мора да се исполни правната усогласеност и оти земјата кандидат мора да го докаже својот капацитет за следење и спроведување на заедничкото европско право за роаминг. Во оваа фаза, како што рекоа од Делегацијата на ЕУ, нема утврден рок за завршување на процесот.