Според премиерот, министерот Тимчо Муцунски е помеѓу првите седум министри за надворешни работи од Европа што на билатерално ниво се примени од американскиот државен секретар Марко Рубио во Стејт департментот
Очекувам да бидеме меѓу првите земји во светот што ќе добијат договор за слободна трговија со Соединетите Американски Држави (САД). Ова денеска го рече премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања пред почетокот на свечената академија по повод 80 години од постоењето на Државниот завод за статистика, за впечатоците од средбите што изминатите денови ги оствари министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски во Вашингтон и дали има изгледи да се потпише договор за слободна трговија со САД.

„Впечатоците се исклучително високи, а Муцунски е помеѓу првите седум министри за надворешни работи од Европа што на билатерално ниво се примени од американскиот државен секретар Марко Рубио во Стејт департментот во Вашингтон. Средбата траела околу 45 минути, на која уште еднаш е истакната стратешката соработка и значењето на стратешката соработка помеѓу двете земји, како и досегашната исклучително искрена соработка со администрацијата на претседателот Доналд Трамп и очекувањата за во иднина“,
рече премиерот.
Посочи дека неговите очекувања се позитивни во делот за постигнување договор за слободна трговија со САД.
„Позитивни се како резултат на средбата со Џејмисон Грир, трговски претставник во администрацијата на американскиот претседател, но и моите телефонски разговори што ги имав со државниот секретар за економија, Хауард Латник. Очекувам да бидеме меѓу првите земји во светот коишто ќе добијат таков тип на на договор со САД“,
вели Мицкоски.
На средбата меѓу Муцунски и Рубио, која се случи на 29 мај, се разгледани можностите за дополнително продлабочување на трговските односи, постигнувајќи значаен исчекор и напредок во насока на намалување на тарифите и можноста за започнување на процес за потпишување договор за слободна трговија.
Следниот ден, на 30 април, Муцунски оствари средба и со американскиот трговски претставник Џејмисон Грир на кој се дефинирани и чекорите кон потпишувањето на договорот за слободна трговија.