Откако судот даде согласност, обвинителките ги прочитаа исказите што Велибор Манев ги дал на 3 декември, дента кога беа најдени телата на Вања и Панче и три дена подоцна на 6 декември. Исказот од 3 декември, кој се читаше по барање на одбраната на Александар Ѓорчевски, таткото на Вања кој е обвинет за помагање, беше пократок и многу не се разликуваше од она што Манев го кажа на денешното сведочење
Поради ставот на обвинителките кои го застапуваат предметот, дека денешниот исказ на обвинетиот Велибор Манев за грабнувањата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски се разликува од она што го кажал во Обвинителството, на денешното судско рочиште се читаа два исказа дадени од обвинетиот во истрагата.
Откако судот даде согласност, обвинителките ги прочитаа исказите што Велибор Манев ги дал на 3 декември, дента кога беа најдени телата на Вања и Панче и три дена подоцна на 6 декември. Исказот од 3 декември, кој се читаше на барање на одбраната на Александар Ѓорчевски, таткото на Вања кој е обвинет за помагање, беше пократок и многу не се разликуваше од она што Манев го кажа на денешното сведочење.
Тој на распитот во Обвинителство рекол дека идејата за киднапирање лице била на Палевски и негова, а потоа ги вклучиле и Боре Видевски и Влатко Кешишов. Инаку, причина за читање на исказите од истрага беше тоа што Манев на денешното рочиште тврдеше дека во полиција го тепале за да признае оти знаел дека Палевски и Ѓорчевски имале комуникација.
Дополнително, обвинителките рекоа дека Манев за време на исказите рекол дека не му треба лекарска помош и дека не бил малтретиран во полиција. Ова се споменува во неговиот исказ од 6 декември, во кој, како што прочитаа обвинителките, Манев во истрага кажал дека за комуникацијата меѓу Палевски и таткото на девојчето дознал од Кешишов.
„Потоа тоа ми беше потврдено и во полициската станица Кисела Вода”,
наведоа обвинителките што кажал Манев читајќи го неговиот исказ од 6 декември 2023 година.
Во него тој во детали, како што прочитаа обвинителките, раскажува за грабнувањето и убиството на Вања и претходно на Панче. И во исказите, како и денеска, тој рекол дека Палевски го испланирал киднапирањето на женското лице, од кое им покажал фотографија, која на Манев му се видела повозрасна. Според неговиот исказ во истрага, додека го носеле девојчето во „ситроенот“, Палевски ја прашувал кои ѝ се татко и мајка, каде имаат стан и други прашања.
„Не барајте пари од татко ми, он не нè сака. Барајте пари од мајка ми, таа дава душа за нас“,
рекло девојчето, кажал Манев во Обвинителството.
Појаснил дека кога Палевски пукал во девојчето не користел придушувач, туку старо перниче. Кажал и дека претходно го наговарал Палевски да го пуштат девојчето.
„Љупчо велеше дека ќе ја отепа и пак ќе бара пари за откуп“,
рекол Манев во истрага.
Кога дошла да го приведе полицијата, бил дамлосан и умирал од страв.
„Сè уште не можам да објаснам зошто Љупчо го стори тоа. Останувам на тоа дека девојчето во ниту еден момент не беше злоупотребувано“,
рекол Манев.
По читањето на исказите, судијата соопшти дека денешното рочиште е завршено, а следното го закажа за понеделник, 17 март, кога ќе се продолжи со распитот на обвинетиот Манев.