Времето на грабнувањето девојчето е околу 7:30 часот. Во тоа време „ситроенот”, според снимките што беа презентирани денеска, е забележан од безбедносни камери на објектите во близина на нејзината зграда на улицата „Наум Наумовски-Борче“
Палевски и неговата одбрана приговараа на изнесените докази. Тие имаа забелешки дека од снимките не можат да се препознаат лица и да се тврди дека тоа се Палевски и Велибор Манев
Видеоснимка на која, како што тврди Обвинителството, се гледаат Љупчо Палевски-Палчо и Велибор Манев како со возило „рено кангу“ се враќаат во седиштето на партијата Десна по извршувањето на убиството на Вања Ѓорчевска, беше прикажана на денешното рочиште од судскиот процес за убиствата на 14-годишното девојче и велешанецот Панче Жежовски. Снимката што ја презентираше обвинителскиот тим е од системот „Безбеден град”, а е направена на булеварот „Христијан Тодоровски-Карпош“ кон Бит-пазар.
„Видео 2, локација булевар ‘Христијан Тодоровски-Карпош‘ во 9:50 часот се забележува како ‘реното кангу’ се движи од Чаир кон Бит-пазар. Може да се забележи како возилото го управува Љупчо Палевски, а на совозачкото седиште е Велибор Манев, кој носи џемпер. Регистрацијата е СК 403 УИ”,
рече една од обвинителките кои се менуваа додека го презентираа доказниот материја составен поголем број видеоснимки.
Ова е веројатно првиот материјален доказ што го посочува Обвинителството, а со кој го поврзува Палевски со убиството на девојчето.
Материјалите што се презентираа на денешното рочиште се однесуваа на движењето на возилата „ситроен” и „рено кангу”, утрото кога е убиена Вања, на 27 ноември 2023 година. Според она што беше прикажано и образложено од обвинителките Жаклина Крстевска-Јосифовска и Ана Стојковиќ-Димитровска, по грабнувањето на Вања, двете возила се движеле едно по друго.
Времето на грабнувањето девојчето е околу 7:30 часот. Во тоа време „ситроенот”, според снимките што беа презентирани денеска, е забележан од безбедносни камери на објектите во близина на нејзината зграда на улицата „Наум Наумовски-Борче“.
По ова „ситроенот“ е фатен од камерите на „Безбеден град” како излегува на булеварот „Партизански одреди“ и врти кон улицата „Рузвелтова“. Во возилото, како што кажа обвинителката, се забележува дека покрај возачот и совозачот има уште едно лице на задните седишта.
Од „Рузвелтова” потоа врти кон булеварот „Илинден”, а потоа кон булеварот „8 Септември”, и во 7:42 часот е кај мостот кај хотелот „Александар палас”.
По ова, обвинителките продолжија со презентација на видеоснимки од објекти, претежно од фирми за стари возила на патот од Визбегово кон Горно Оризари.
На снимките, како што кажаа обвинителките, се гледа дека „реното кангу”, во кое има само едно лице, како се движи прво, а него во временски интервал од неколку секунди го следи „ситроенот”.
Времето во кое се случува ова, односно на кое се однесува овие снимки околу 7:55, односно 7:56 часот до 9:08 часот, во кое двете возила се движат едно по друго.
„Сега ќе презентираме записи на кои се гледаат предметните возила по убиството на Вања и се движат во насока каде што е запалено возилото ‘ситроен‘. Локацијата на пречистителната станица, од каде што е видеото, е во село Бразда. Во 9 часот и 8 минути и 33 секунди реално време се забележува како поминува ‘реното кангу‘, а него го следи ‘ситроенот‘”,
рекоа обвинителките.
Веќе во 9:21 часот на следните презентирани снимки се гледа само „реното кангу“, без „ситроенот“, кој во меѓувреме е запален. Тоа, како што беше рекоа обвинителките, се гледа од снимка на приватна куќа во селото Горно Оризари.
„Во 9:36 часот се забележува како се издига црн чад од локацијата каде што е запален ‘ситроенот’. Во 9:39 часот се забележува како ‘реното кангу‘ се враќа назад и тоа не го следи ‘ситроенот'”,
наведоа од Обвинителството.
Следните снимки се однесуваа на движењето на „реното кангу” во кое, според Обвинителството, се наоѓаат две лица, односно Палевски и Велибор Манев.
Манев, како што кажа обвинителката, е облечен во сив џемпер во сива боја со црна лента.
Возилото по истиот пат преку Бит-пазар преку раскрсницата кај ТЦ „Мавровка“ излегува на булеварот Кузман Јосифовски-Питу, односно кај „Веро Џамбо” каде што се исклучува кај седиштето на партијата Десна.
„Се забележува ‘реното кангу‘ кое се исклучува и врти десно кон седиштето на партијата Десна на улицата ‘Кузман Јосифовски-Питу‘ од каде што претходно рано утрото го започна своето движење и по извршувањето на кривичното дело се враќа”,
наведоа од Обвинителството.
На денешното рочиште беа презентирани снимки во врска со убиството на Панче Жежовски, како и фотодокументација од местото каде што е пронајдено неговото тело.
Во меѓувреме судијата Ивица Стефановски го отстрани првообвинетиот Палевски од судницата. Бидејќи не беше вклучен микрофонот, не можеше да се слушне поради што беше отстранет Палевски.
По завршувањето со фотодокументацијата, судијата повторно го повика Палевски и го запозна со тоа што било презентирано.
Палевски и неговата одбрана приговараа на изнесените докази. Тие имаа забелешки дека од снимките не можат да се препознаат лица и да се тврди дека тоа се Палевски и Велибор Манев.
Првообвинетиот Палевски имаше забелешки и во однос на времињата на убиствата наведени во обвинителниот акт и оние што произлегуваат од снимките презентирани денеска.
Следното рочиште е закажано за в петок (7 февруари), кога треба да сведочи и Гоце Трајковски.