Куќен притвор се предлага и за поранешната државна секретарка во Министерството за економија, Размена Чекиќ-Дуровиќ
Обвинителскиот тим кој постапува во предметот на Основното јавно обвинителство Кочани, во врска со пожарот во т.н. кабаре „Пулс“, се додава во информацијата, ги привршува дејствијата на распити на сведоци – очевидци на настанот

До Основниот суд Кочани од страна на Обвинителството е доставен предлог за замена на затворскиот притвор со куќен за ексминистерот за економија Крешник Бектеши, како и за поранешната државна секретарка во Министерството за економија, Размена Чекиќ-Дуровиќ.
Од Обвинителството попладнево информираа дека предлогот до судот е доставен согласно фазата во која се наоѓа постапката и доказите кои веќе се обезбедени.
„Обвинителството до Основниот суд во Кочани достави предлог за замена на претходно определената мерка притвор со мерка куќен притвор за двајца осомничени – поранешен министер и поранешен државен секретар во Министерството за економија. По предлoзите на Обвинителството ќе одлучува Судот“,
се вели во денешната информација што ја доставија од Обвинителството.
Оттаму додаваат дека за 18 лица е предложено продолжување на претходно определените мерки притвор и куќен притвор.
Обвинителскиот тим кој постапува во предметот на Основното јавно обвинителство Кочани, во врска со пожарот во т.н. кабаре „Пулс“, се додава во информацијата, ги привршува дејствијата на распити на сведоци – очевидци на настанот.
Распитите на осомничените и на други лица, додаваат од Обвинителството, се реализираат без отстапувања и согласно утврдената динамика. „Интензивно се работи на повеќе вештачења и се вкрстуваат податоците од анализите на обезбедените електронски уреди“, велат од Обвинителството.
Апелацискиот суд во Штип на 29 април информира за дел од одлуките по жалбите на осомничените во истрагата на Основното јавно обвинителство Кочани за пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во кој загинаа 62 лица, а речиси 200 беа повредени.
Апелацискиот суд од осум разгледани жалби, седум ги одбил како неосновани и ги потврдил одлуките на кочанскиот основен суд.
Меѓу жалбите што беа одбиени како неосновани беа и тие на ексминистерот Бектеши и поранешната државна секретарка во Министерството за економија, Размена Чекиќ-Дуровиќ.
За потсетување, Бектеши е во притвор од самиот почеток на истрагата за пожарот во т.н. кабаре „Пулс“.
Претходно, затворскиот со куќен притвор, на предлог на Основното јавно обвинителство Кочани, им беше заменет на поранешниот градоначалник на Кочани, Љупчо Папазов, на ексдиректорот на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ), Горан Трајковски, на еден инспектор од оваа институција и на член на обезбедувањето на клубот.
Во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, што се случи рано изутрина на 16 март, животот го загубија 62 лица, а со повреди се здобија околу двесте.
За трагедијата која ја потресе целата држава истрага се води против 68 физички и три правни лица.