Како што соопшти Обвинителството, двете малолетнички на 9 февруари на улицата „Мирослав Крлежа“ во Скопје, ја загрозиле сигурноста на друго девојче вршејќи грубо насилство кон оштетената
Основното јавно обвинителство Скопје до судијата за деца при Основниот кривичен суд Скопје поднесе барање за поведување подготвителна постапка спрема две деца на возраст од 15 години, за кои постои основано сомневање дека извршиле насилство по член 386 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Како што соопшти Обвинителството, двете малолетнички на 9 февруари на улицата „Мирослав Крлежа“ во Скопје ја загрозиле сигурноста на друго девојче вршејќи грубо насилство кон оштетената. Девојчињата најпрвин разговарале и започнале да се расправаат, по што двете ја фатиле оштетената и ја собориле наземи, па ја удирале со тупаници и клоци додека не ги раздвоил сведок на настанот. Со ова предизвикале телесни повреди кај девојчето, како и чувство на вознемиреност во јавноста.
„Во текот на постапката јавниот обвинител предлага да се сослушаат децата во судир со законот и оштетената, како и сведоци на настанот, да се прибави вештачење на видот и карактерот на повредите, да се обезбедат снимки од сведоци на настанот, да се прибави мислење од Центарот за социјални работи, како и да се преземат сите други неопходни дејства“,
се вели во соопштението од Обвинителството.
Оттаму апелираат до медиумите и јавноста да се воздржат од сензационализам при известувањето и коментирањето за овој случај имајќи ја предвид чувствителноста на постапките во кои како сторители и оштетени се јавуваат малолетни лица и неопходноста од целосна заштита на нивниот идентитет во текот на постапките.
Пред неколку дена „Слободен печат“ објави видео во кое се гледа како две малолетнички претепуваат своја врсничка, додека други деца отстрана навиваат и ја снимаат тепачката со мобилните телефони. Видеото набрзо почна да се споделува на социјалните мрежи и беше придружено со низа осудувачки коментари.
Како што информира МВР, на 9.2.2024 во 18:20 часот во СВР Скопје В.И. (45) од Скопје пријавил дека околу 13 часот пред угостителски објект на подрачјето на Центар, по претходна расправија, неговата малолетна ќерка била физички нападната од две малолетнички со кои се познавала.
