Од Обвинителството потсетуваат дека сите службени лица кои имаат какви било сознанија или докази за извршено кривично дело, имаат законска обврска да го пријават на надлежните органи
Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје постапува во врска со сомненијата за дивоградби во скопски Чаир. Оттаму информираат дека утринава до скопското обвинителство е доставено известување од страна на Секторот за внатрешни работи (СВР) Скопје за конкретниот случај, за кој веќе се постапува.

„Во однос на сомненијата за објекти-дивоградби во Општина Чаир, Основното јавно обвинителство Скопје утрово прими известување од СВР Скопје по кое веќе се постапува“,
информираат попладнево од Обвинителството.
Оттаму потсетуваат дека сите службени лица кои имаат какви било сознанија или докази за извршено кривично дело, имаат законска обврска да го пријават на надлежните органи.
Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, минатата недела изврши обиколка на неколку локации низ Општина Чаир каде што се извршуваат градежни активности, за кои таа обвини дека се дивоградби. Ги повика на реакција надлежните институции и нагласи дека Град Скопје нема да дозволи да се шири урбанистички криминал со молк на институциите.