Обвинителот Џељаљ Бајрами вечерва информира дека обвинителствата веќе преземаат дејствија за целосно испитување на информациите што допреле до нив, а се однесуваат на кривични дела поврзани со гласањето

Фотографирање гласачки ливчиња и потенцијален поткуп на гласачи. На вакви дела најчесто се однесуваат постапувањата на обвинителствата низ државата поврзани со изборите.
Претседателот на привремената Комисија на Јавното обвинителство за следење на постапувањето по евентуални кривични дела поврзани со изборите, обвинителот Џељаљ Бајрами, вечерва информира дека обвинителствата веќе преземаат дејствија за целосно испитување на информациите што допреле до нив.
„ОЈО Велес презема дејствија за испитување наводи за поткуп при избори и гласање против две лица од селото Согле, Општина Чашка. ОЈО Крива Паланка, исто така, испитува наводи за поткуп на гласачи. ОЈО Куманово постапува за проверка на два издвоени случаи за телефонски влијанија врз гласачи во Куманово и Кратово. ОЈО Скопје е известено од МВР за две задржани лица на гласачко место во Општина Чаир кои одбивале да се легитимираат, како и за две фотографирања на гласачко ливче во Општина Гази Баба за што, во суштина, сметаме дека е прекршок, а не кривично дело опфатено во кривичните дела за избори и гласање. На подрачјето на Вишото јавно обвинителство Битола по наводи за поткуп при избори постапува ОЈО Прилеп за настан во Крушево и ОЈО Охрид за настан случен во Охрид, при кој едно возило е запрено затоа што, според оперативни сознанија на припадниците на полицијата, во возилото има лица што вршат поткуп при гласање. Истото возило е запрено, легитимирани се лицата, во возилото се најдени 30 банкноти од по 2 000 денари и наводен список на лица на кои требало да им се даваат тие пари“,
изјави Бајрами.
Бајрами изјави дека по усно известување за наводен поткуп на гласачи постапува ОЈО Свети Николе. ОЈО Штип и ОЈО Кочани постапувале по индиции за поткуп и притисок врз гласачи, но наводите се веќе проверени и тие не се потврдени.
„На подрачјето на Вишото јавно обвинителство Гостивар, ОЈО Тетово и ОЈО Кичево по објавени информации на медиумите оформија предмети по допрен глас и испитуваат евентуални прекршувања на изборниот молк во Кичево и во Желино. Исто така, ОЈО Кичево постапува по информација за нерегуларности при гласањето на едно болно и изнемоштено лице во Македонски Брод. Во ОЈО Тетово е заведен предмет против непознат сторител за кривично дело – повреда на тајноста на гласањето, бидејќи фотографијата од гласачкото ливче се појавила на социјалните мрежи во текот на денешниот ден“,
изјави Бајрами.