Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција до Апелацискиот суд во Скопје поднесе жалба за мерката куќен притвор за Сашо Мијалков која вчера попадне ја определија од Основниот кривичен суд и бара најстрога мерка – притвор.
Обвинителството вчера побара притвор, но Кривичниот совет одлучи да определи куќен притвор кој ќе биде со надзор преку електронска алка или како што соопштија од судот „куќен притвор со 24 часовен надзор како и видео и електронски надзор“.
Сега, Апелација треба да се произнесе дали ќе ја прифати жалбата или не.
Барањето за притвор за Мијалков следуваше откако обвинителството добило информации дека се подготвува бегство. Информациите тие ги добиле во саботата вечерта околу 23 часот, а во неделата го подготвиле предлогот и попладне го поднеле. Во меѓувреме, обвинителите од надлежните во МВР, како што соопштија, добивале информации дека го имаа „на око“ по Мијалков односно имаат визуелен контаат. Откако вчера во 18:30 судот одлучил да определи мерка куќен притвор, следувале обиди за врачување на решението, но полицијата тогаш веќе не можела да го пронајде поранешниот шеф на УБК.
„Околу 21:20 часот обвинителството е известено дека има проблем со врачување на решението за притвор, по што во 21:47 е потврдено дека обвинетиот Мијалков не е пронајден“,
соопштија од Обвинителството.
Оттаму, како што информиравме, се сомневаат и дека некој му помогнал на Мијалков да избега.
„Имајќи го предвид фактот дека во моментот на изготвување на предлогот за определување мерка притвор, како и во моментот на нејзиното поднесување до судот, обвинетиот Мијалков не бил во бегство, Обвинителството смета дека постојат основи на сомнение за сторено кривично дело помагање на сторител по извршено кривично дело од член 365 од Кривичниот законик заради што ќе ги преземе сите неопходни мерки за расчистување на ваквите сомненија“,
рекоа од Обвинителството.
Во меѓувреме, во МВР се повикуваат членови на семејството на Мијалков и на неговото обезбедување за да се соберат сознанија околу бегството.
Денеска наутро се распиша и национална потерница, а потоа судот по барање на МВР даде согласност и за меѓународна потерница. Последните информации од МВР се дека се чека и на согласност од Интерпол за распишување на меѓународна потерница.
Хронологијата на настаните можете да ја погледнете ТУКА.