Според ОЈО Скопје, мерката куќен притвор не претставува доволно ефикасна заштита зашто со двете поднесени обвиненија на обвинетите им се ставаат на товар тешки кривични дела, за кои се запретени високи затворски казни, но постојат и околности што укажуваат на опасност од бегство
Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје поднесе жалба на решението со кое Основниот кривичен суд Скопје определи куќен притвор на поранешниот медицински и на организацискиот директор на ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија Скопје, Нино Васев и Нехат Нухи, двајцата обвинети во предметот „Онкологија“.
Од Обвинтелството бараат на двајцата осомничени да им се определи мерка ефективен притвор.

„Јавниот обвинител е незадоволен од одлуката и бара од Апелацискиот суд да ја преиначи во ефективен притвоr, бидејќи цени оти со поблага мерка не може да се гарантира непречено водење на кривичната постапка“,
се вели во соопштението од Обвинителството.
Оттаму додаваат дека мерката куќен притвор не претставува доволно ефикасна заштита зашто со двете поднеесени обвиненија на обвинетите им се ставаат на товар тешки кривични дела, за кои се запретени високи затворски казни, но постојат и околности што укажуваат на опасност од бегство.
Основниот кривичен суд Скопје вчера им определи куќен притвор на поранешниот медицински и на организацискиот директор на ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија Скопје, Нино Васев и Нехат Нухи.
Основното јавно обвинителство Скопје завчера поднесе две обвиненија за предметот „Онкологија“. Како што соопшти на прес-конференција предметната јавна обвинителка Ана Гоговска-Јакимовска, предметот е поделен на два дела – првиот се однесува на економското работење на Клиниката во кој се опфатени тогашниот медицински директор и организацискиот директор на клиниката, и вториот дел од предметот се однесува на третманот на пациентите и опфаќа четворица лекари онколози.