За второто лице, кое беше осомничено за вербален напад врз скопската градоначалничка и кому му беа одредени мерки на претпазливост, ОЈО Скопје информира дека е предложено укинување на мерките и е отфрлена кривичната пријава против него бидејќи не постојат материјални и вербални докази од кои би се утврдила кривична одговорност за делото
Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје поднесе обвинителен предлог против лицето што минатата недела физички ја нападна скопската градоначалничка Данела Арсовска. Ќе се гони за сторено кривично дело насилство.

Во информацијата што попладнево ја објави скопското обвинителство се наведува дека обвинетиот извршил грубо насилство врз градоначалничката на улицата „Севастополска“ во Скопје предизвикувајќи ѝ телесна повреда, чувство на несигурност, загрозување и страв во јавноста.
„Додека градоначалничката заедно со овластени службени лица присуствувала на локација по претходна пријава на граѓани во врска со бесправно градење и неовластено приклучување на водоводна и електропреносна мрежа на објект, обвинетиот пристигнал со електричен тротинет и ѝ се приближил заканувачки. Потоа физички ја нападнал удирајќи ја најпрво по лицето и раката, а потоа со нога во пределот на левата потколеница“,
наведуваат од Обвинителството, додавајќи дека по реакција на полициските службеници кои биле на местото на инцидентот, тој продолжил со вербалните напади и закани кон градоначалничката.
Покрај обвинителниот предлог, скопското обвинителство до Основниот кривичен суд Скопје достави и предлог за продолжување на мерката притвор поради опасност од бегство и повторување на делото.
За второто лице, кое беше осомничено за вербален напад врз Арсовска и кому му беа одредени мерки на претпазливост, Обвинителството информира дека е предложено укинување на мерките и е отфрлена кривичната пријава против него бидејќи не постојат материјални и вербални докази од кои неспорно би се утврдила кривична одговорност за конкретното кривично дело.
„По прибирање на сите докази, вербалните искази на сведоците и оштетените, како и извршеното препознавање со соочување се утврди дека оштетените не го препознаваат пријавеното лице како сторител на заканувачки и насилнички дејствија кон нив“,
наведуваат од ОЈО Скопје.
Во меѓувреме се огласи Основниот кривичен суд Скопје, кој објави дека е прифатен предлогот на Обвинителството и е продолжена мерката притвор за напаѓачот на Арсовска во времетраење од 30 дена. Од Судот информираат дека Обвинителството до нив доставило и обвинителен предлог против С.Љ. за кривичното дело насилство, согласно кој е отворен кривично-правен предмет.