По предметот ќе постапува Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), чија задача ќе биде прибере официјални информации од надлежните органи, институции и здравствени установи со цел да се утврди евентуално нелегално постапување со човечки ткива и биоматеријали, пропусти или злоупотреби при добивање дозволи и согласности
Јавното обвинителство соопшти дека отворило предмет во врска со случајот со изнесувањето мозоци од Македонија за научни истражувања во Соединетите Американски Држави (САД).

Предметот за сознанието што произлезе од документите што американското Министерство за правда ги објави во случајот за Џефри Епстин, како што информираат од Јавното обвинителство на РС Македонија, е отворен по допрен глас, односно по наводите од објавените документи.
Од Обвинителството ќе испитуваат дали во случајот со изнесувањето и транспортот на човечки ткива се испочитувани сите законски и етички стандарди за вакви процедури и дали евентуално постојат елементи на кривично дело што се гони по службена должност.
„Имајќи ја во вид природата на наводите, кои вклучуваат обработка, замрзнување и меѓународен транспорт на човечки ткива, како и евентуални прашања за усогласеноста со законските и етичките стандарди за експерименти со човечки ткива и примероци, Јавното обвинителство оформи предмет со цел да ги испита сите индиции за евентуално постоење елементи на кривично дело кое се гони по службена должност“,
се наведува во соопштението од Јавното обвинителство.
По предметот, како што додаваат оттаму ќе постапува Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК). Задача на обвинителите ќе биде да приберат официјални информации од надлежните органи, институции и здравствени установи со цел да се утврди евентуално нелегално постапување со човечки ткива и биоматеријали, пропусти или злоупотреби при добивање дозволи и согласности.
За извозот на мозоци од починати пациенти во земјава за научни цели во САД, јавноста во земјава дозна од документите што американското Министерство за правда ги објави јавно, а се однесуваат на починатиот милијардер осуден за трговија со бело робје, педофилија и силување, Џефри Епстин. Конкретно станува збор за електронска порака испратена до Ике Гроф, основач на инвестициската компанија „Турмалин партнерс“ во која се пренесува новинарско истражување на „Блумберг бизнисвик“ од новинарите Синтија Кунс и Роберт Лагрет.
Во текстот со наслов „Лекот стар 50 години кој би можел да ја реши американската криза со самоубиствата“ се наведува дека во рамките на долгогодишно научно истражување за самоубиствата, американски научници кои соработуваат со Универзитетот „Колумбија“ имаат создадено банка од човечки мозоци за истражување. Во колекцијата од околу 1 000 мозоци имало мозоци од лица што извршиле самоубиство, но и контролни примероци. Во тој контекст се спомнува и Македонија како една од земјите што придонела со примероци, преку соработка со член на Универзитетот „Колумбија“ кој потекнува од Македонија. Во текстот стои дека мозоците од Македонија биле отстранети по смртта на одредено лице, биле веднаш замрзнати, транспортирани во САД за научни цели и правилно означени и архивирани.
Поранешниот директор на Институтот за судска медицина и криминалистика, Алексеј Дума, во изјава за „360 степени“ потврди дека станува збор за проект што се реализирал во периодот меѓу 1990-тите и 2000-тите години. Но, она што тој го потенцира е дека не станувало збор за никаков профит зашто, како што рече, мозокот не може да оди на црниот пазар.
Професорот Горазд Росоклија од Универзитетот „Колумбија“ во Њујорк во писмена изјава за емисијата „Топ тема“ на ТВ Телма, рече дека проектот и ткивата користени во истражувањето биле покриени со сите потребни етички одобренија и писмени согласности од семејствата.

Министерот за здравство Азир Алиу вчера во изјава во емисијата „Риштази“ на „КохаКаст“ рече дека Министерството за здравство ќе формира комисија чија задача ќе биде да ја разјасни улогата на локалните институции и да обезбеди транспарентност за јавноста во врска со случајот.
Од Министерството за здравство, исто така, вчера посочија дека немаат директни надлежности во спроведувањето на научноистражувачката дејност. Оттаму велат дека од Медицинскиот факултет биле информирани дека научноистражувачката работа што е поврзана со биолошки материјал е предмет на ригорозно нормативно регулирање, како што е Законот за научноистражувачка дејност, Правилникот за клинички испитување, Упатството за начинот на постапување при трансфер и транспорт на биолошки материјали, како и начинот на пакување и обележување биолошки материјали.
Оттаму потенцираат дека во посочениот временски период, законската обврска за чување на оваа документација била 15 години, а од 2018 година наваму, законската обврска за чување на документацијата е 25 години.
