Основното јавно обвинителство – Велес отвори предмет по допрен глас, по објавите во медиумите и јавното соопштение на митрополитот Агатангел и Повардарската епархија, со кое ги повикуваат верниците на масовно одење во храмовите за време на верскиот празник Духовденска задушница, додека се на сила забраната за одење на гробишта и ограничувања на движењето поради ситуацијата со коронавирусот.
Како што соопштија од државното Обвинителство, со цел утврдување факти во предметот и евентуална кривична одговорност, велешкото Обвинителство даде насоки на СВР – Велес за обезбедување податоци во однос на стореното дело и испитување на околностите. Односно дали содржи обележја на кривично дело, како и во поглед на почитувањето на мерките што ги определи Владата.
Повардарската епархија на МОЦ-ОА денеска ги повика верниците в петок и в сабота, од 8 до 14 часот (кога започнува полицискиот час), да дојдат во дворовите на црквите на литургија по повод празникот Духовден.