Коментарите со навреди, омаловажувања и смртни закани упатени кон новинарот и уредник во телевизијата Канал 5 се под видео на Фејсбук на кое тој известува за непрописно паркирани дипломатски возила пред Амбасадата на Бугарија во Скопје
Јавното обвинителство оформи предмет по допрен глас за утврдување на идентитетот и на кривичната одговорност кај повеќе лица кои преку коментари на Фејсбук изминативе денови упатија закани кон новинарот и уредник во телевизијата Канал 5, Александар Видиновски.

Коментарите со навреди, омаловажувања и смртни закани упатени кон Видиновски, се под видео на кое тој известува за непрописно паркирани дипломатски возила пред Амбасадата на Бугарија во Скопје.
„Коментарите во себе содржеле сериозни закани, говор на омраза, ксенофобични пораки и пораки што поттикнуваат национална нетрпеливост“,
наведуваат од Јавното обвинителство.
Предметот е доставен до надлежното ОЈО Скопје кое треба да ги испита индициите за евентуално постоење елементи на кривично дело за кое се гони по службена должност.
Претходно вчера за случајот реагираше и остро го осуди Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ). Оттаму наведоа дека за случајот е поднесена пријава до МВР и изразија очекување надлежните итно да постапат.
„Пораките со навредлива, шовинистичка и содржина која содржи омраза, како и директните закани по живот (‘смрт за вас’), претставуваат сериозно кршење на правото на слобода на изразување и директна закана по безбедноста на новинарот. Ваквите напади имаат за цел да извршат притисок и заплашување поради професионално известување за прашање од јавен интерес“,
порачаа од ЗНМ додавајќи дека новинарите не смеат да бидат мета на закани, навреди и говор на омраза.
