Јавен обвинител до судија на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор на осомничениот
Основното јавно обвинителство (ОЈО) Прилеп, по поднесена кривична пријава од Управата за финансиска полиција, поведе истражна постапка против службено лице во Општата болница „Борка Талески“ во Прилеп, за кое постои сомнеж дека сторил продолжено кривично дело – проневера во службата.

Во описот за случајот од Обвинителството велат дека тој во временскиот период од 01.01.2020 до 31.12.2021 година, во својство на службено лице, вработен како главен благајник во Одделението за материјално финансиско работење во Секторот за материјално-финансиски работи и сметководство при Општата болница во Прилеп, со намера да прибави противправна имотна корист, присвоил пари доверени во службата.
„Во повеќе наврати дел од наплатените и примените парични средства од шалтерите на болницата, наплатени од пациентите по основ на партиципација и приватни здравствени услуги, не ги уплатил на банкарската сметка на болницата, не изготвил обрасци ‘каса прими‘ и истите противправно ги присвоил за себе“,
се вели во соопштението од Обвинителството.
Со тоа прибавил имотна корист во вкупен износ од 15 063 284 денари.
Јавен обвинител до судија на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор на осомничениот.
Претходно, Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава против службеник во Општата болница „Борка Талески“ во Прилеп поради сомнение дека сторил кривично дело – проневера во службата.
Како што информираа оттаму, пријавениот во својство на служено лице, вработен како главен благајник во болницата во повеќе наврати дел од наплатените и примени парични средства од шалтерите на болницата, наплатени од пациент по основ на партиципација и приватни здравствени услуги, не ги уплатил на банкарската сметка на болницата и истите противправно ги присвоил за себе.
Утрово лицето е лишено од слобода и е изведено пред судија на претходна постапка при Основниот суд – Прилеп.
