Оформениот предмет, како што кажа Коцевски, е доставен до надлежно обвинителство за прибирање докази. Предметот бил оформен вчера, еден ден по објавата на американскиот Стејт департмент
Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски оформи предмет за поранешниот прв вицепремиер Артан Губи и судијата Енвер Беџети откако завчера беа ставени на „црната листа” на САД поради вмешаност во значителна корупција. Коцевски ова го соопшти денеска на брифинг со новинарите на кој присуствуваат триесетина обвинители од сите обвинителства во државата.
Оформениот предмет, како што кажа Коцевски е доставен до надлежно обвинителство за прибирање докази. Предметот бил оформен вчера, еден ден по објавата на американскиот Стејт департмент.
„Поради сериозноста на наводите во последното назначување лица на ‘црната листа’ на САД, ги искористив своите овластувања и уште вчера оформив предмет за обезбедување докази во врска со наводите за трговија со влијание. Предметот е доставен до надлежно јавно обвинителство”,
рече Коцевски.
За соработката со САД и конкретно со американската амбасада во земјава, Коцевски рече дека е одлична и додаде дека оттаму ги помагаат активностите на Обвинителството за борба против криминалот и корупцијата.
Прашан дали во случајот со Груби и судијата Беџети ќе се истражува и давачот на поткупот, на брифингот беше кажано дека ќе се истражуваат сите аспекти.
Информациите врз основа на кои е оформен предметот се оние добиени од медиумите кои го пренесоа соопштението на Стејт департментот.
„Кој е давател на поткупот, кој е примател на поткупот сето тоа ќе се истражува. Постапката е отворена”,
беше кажано на брифингот.
Поранешниот прв вицепремиер од ДУИ, Артан Груби, и судијата Енвер Беџети се ставени на „црната листа“ поради примање поткуп во врска со предметите што се воделе против ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков.
Судијата во Апелацискиот суд Скопје, Енвер Беџети, стана познат по долгото чување на предметот „Таргет-Тврдина“ во кој првообвинет беше Мијалков. За неразумното долгото чување на предметот против судијата се водеше дисциплинска постапка во Судскиот совет, по која тој беше казнет само парично шест месеци со по 20 отсто од платата.