„Неспорен факт којшто стои на страна на овој обвинет е дека единствено родителите на детето знаеле дека тоа по исклучок критичниот ден ќе оди само на училиште. Двајца обвинети дадоа исказ дека овој факт тие го дознале од таткото, а не од некој друг, од таткото Александар Ѓорчевски преку Палевски. Да не знаеле дека детето дента по исклучок ќе оди само на училиште, немало да има ниту грабнување ниту таков последователен исход… Сепак, судот е највисока инстанца, ние ќе си вложиме жалба, судот ќе си одлучи“, рече обвинителката Ана Стојковиќ-Димитровска

Обвинителството не се откажува од тезата дека Александар Ѓорчевски бил вмешан во грабнувањето на својата ќерка Вања и ќе поднесе жалба на денешната првостепена пресуда со која тој беше ослободен од обвинението.
Ова во изјава за новинарите по изрекувањето на пресудата за грабнувањата и убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски го кажа обвинителката Ана Стојковиќ-Димитровска прашана за коментар за ослободителната пресуда на Ѓорчевски.
Како што наведе таа, Обвинителството по анализата на доказите, секој посебно и сите заедно, не можело да го превиди фактот дека двајца од обвинетите во истрага рекле оти Вања критичниот ден на 27 ноември 2023 година сама ќе оди на училиште дознале од таткото, преку обвинетиот Љупчо Палевски.
„Иако денеска не ги слушнавме аргументите на судот за ваквата пресуда, неспорен факт којшто стои на страна на овој обвинет е дека единствено родителите на детето знаеле дека тоа по исклучок критичниот ден ќе оди само на училиште. Двајца обвинети дадоа исказ дека овој факт тие го дознале од таткото, а не од некој друг, од таткото Александар Ѓорчевски преку Палевски. Да не знаеле дека детето дента по исклучок ќе оди само на училиште, немало да има ниту грабнување заради тоа што не е можно, а немало да има ниту таков последователен исход“,
рече обвинителката.
Освен исказите на двајца од обвинетите, таа рече дека имаат и други посредни докази кои укажуваат дека таткото помогнал во грабнувањето на Вања.
„Од овие парични Обвинителството не можеше да донесе поинаква јавнообвинителска одлука“,
додаде Стојковиќ-Димитровска.
Коментирајќи го тоа што обвинетите го смениле исказот во однос на Ѓорчевски за време на главната расправа од судскиот процес, обвинителката рече дека притоа тие не понудиле ниту еден разумен факт зошто го направиле тоа. Таа негираше и дека имало тортура врз обвинетите за да кажат дека Ѓорчевски бил вмешан во грабнувањето.
„Од најголем дел од нивните искази, исказите по суштинските прашања, за клучните работи за утврдување на фактичката состојба, за се, па и за обвинетиот Александар Ѓорчевски по сите параметри произлегува дека во обвинителството биле вистинити. Нема зошто и за овој обвинет да не се вистинити, а наводите за тортура апсолутно се неосновани. Исказите на двајца обвинети се доказ, се останато исто така е доказ. Можеби посредни докази, можеби не докази какви што би сакале да има, меѓутоа по анализа на сите докази кои ги имаше, по анализа на сите докази заедно ние немавме друга опција освен да донесеме таква јавнообвинителска одлука“,
рече обвинителката.
Надоврзувајќи се на ова, таа додаде:
„Сепак, судот е највисока инстанца, ние ќе си вложиме жалба, судот ќе си одлучи“,
рече Стојковиќ-Димитровска притоа мислејќи на Апелацискиот суд.
Претходно, исто така, во изјава за медиумите, бранителот на Александар Ѓорчевски, адвокатот Владимир Туфегџиќ ги критикуваше институциите кои ја воделе истрагата бидејќи, како што кажа, не успеале да одговарат на три клучни прашања од кои првото е: „Зошто е убиена Вања?“
Во однос на досудените доживотни казни на четворицата обвинети – Велибор Манев, Боре Видевски, Влатко Кешишев и Љупчо Палевски, таа и нејзината колешка Жаклина Крстевска Јосифовска рекоа дека ваквата пресуда испраќа порака оти вакви грозоморни дејствија нема да се толерираат и оти извршителите ќе бидат откриени и казнети.
„Изречените доживотни казни за обвинетите Велибор Манев, Боре Видевски, Влатко Кешишев и Љупчо Палевски се доказ дека ниту еден сторител не може да остане неоткриен по извршување на вакви грозоморни кривични дела, дека и покрај испланираното до детали убиство и на Вања Ѓорчевска и на Панче Жежовски обвинетите се откриени и ја добија заслужената казна. Ова е доказ дека правдата сепак излегува на површина“,
рече обвинителката Јосифовска-Крстевска.
Стојковиќ-Димитровска во овој контекст наведе дека семејствата на жртвите секако не би биле задоволни со ниту една пресуда, но со оглед дека денеска на четворица обвинети е изречена највисоката казна затвор што согласно македонското законодавство може да се изрече, со тоа сосема правилно е испратен порака дека вакви дејствија нема да се толерираат и ќе бидат најстрого казнувани.
Во врска со приведеното лице од Народна банка за кое обвинетиот Велибор Манев во завршниот збор на рочиштето во петокот рече дека зел и го уништил синиот ранец во кое било оружјето и „моторилите“ што биле користени во убиствата, обвинителката Стојковиќ-Димитровска кажа дека за тоа е отворен нов предмет кој не влијае на оваа постапка.
„Засега нема причини коишто би можеле да влијаат на оваа постапка. Отворен е нов предмет за наводите на обвинетиот Велибор Манев од минатото рочиште. Се работи за разгледување на сите факти и околности за проверка на неговиот исказ од минатиот пат. Тоа е нов предмет. Ние го водиме предметот“,
рече обвинителката.