Причина за поднесување на обвинението е, како што се наведува, неизвршување на одлуките на високиот претставник Кристијан Шмит според новиот член од Кривичниот законик, што го наметна високиот претставник
Обвинителството на Босна и Херцеговина поднесе обвинителен акт против претседателот на Република Српска, Милорад Додик, и в. д. директорот на „Службен весник на РС“, Милош Лукиќ, објави денеска сараевскиот портал „Кликс“.
Причина за поднесување на обвинението е, како што се наведува, неизвршување на одлуките на високиот претставник Кристијан Шмит според новиот член од Кривичниот законик, што го наметна високиот претставник.
Република Српска не го признава Шмит за висок претставник бидејќи тој не е назначен во Советот за безбедност на ОН, како што е предвидено во Дејтонскиот договор.
Имено, Додик неодамна го потпиша Указот за објавување на Законот за необјавување на одлуките на високиот претставник за БиХ во „Службен весник на РС“, како и Указот за објавување на Законот за неизвршување на одлуките на Уставниот суд на БиХ на територијата на Република Српска.
Лукиќ на функцијата директор е избран на итна телефонска седница откако Милка Девушиќ ја напушти функцијата поради притисок за извршување кривично дело.
Додик и Лукиќ беа на распит во СИПА поради напад на уставниот поредок.
Одлуката на обвинителството на Босна и Херцеговина е испратена на потврдување во Судот на БиХ.
Обвинението против претседателот на Република Српска, Милорад Додик, е директен обид на обвинителството на БиХ и политичкото Сараево, со сесрдна поддршка и помош, односно креација на американската амбасада во Сараево и директно од амбасадорот Мајкл Марфи, како и на Велика Британија и ЕУ, да ги поништат институциите на Република Српска избрани по волјата на народот на демократски избори, реагираа од кабинетот на Додик во врска со обвинението поднесено против него и в. д. директорот на „Службен весник на Република Српска“.
„Обвинението против претседателот на Република Српска поради потпишување на Указот за прогласување на Законот донесен во Народното собрание на Република Српска, а што е негова уставна обврска, има цел да го поништи не само претседателот на Република Српска, туку и Народното собрание на Република Српска како највисок законодавен орган во Република Српска, како и да го поништи Уставот на самата Република Српска, според кој претседателот на Република Српска експлицитно постапил исполнувајќи ја својата уставна обврска да го прогласи Законот донесен од Националното собрание на Република Српска како највисоко претставничко тело на Република Српска избрано од народот на Српска“,
истакнаа од кабинетот на претседателот на Република Српска.
Оттаму нагласуваат дека обвинението против Додик „има цел да го поништи српскиот народ во Република Српска кој ги избра своите претставници во Народното собрание и претседателот на Република Српска и ги обврза да постапуваат според Уставот на Република Српска“.