Обвинителството прибира докази за расчистување на деталите за сообраќајната несреќа што синоќа се случи на патот Скопје – Блаце, а во која загинаа три лица чии тела попладнево беа извадени од реката Лепенец
Телата на загинатите во сообраќајната несреќа во реката Лепенец ќе бидат предадени на обдукција, информира Јавното обвинителство, а се собираат докази за расчистување на настанот.
„Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје денеска го продолжи увидот на местото на тешката сообраќајна несреќа која се случи вчера на патот Скопје-Блаце. По извлекувањето на автомобилот „БМВ“ со косовски регистарски ознаки и трите тела на починатите патници од водите на реката Лепенец ќе биде издадена наредба за обдукција, а јавниот обвинител ги координира сите дејствија со цел обезбедување докази за расчистување на настанот“,
соопшти ЈОРМ.
Од Обвинителството посочуваат дека, додека во целост не бидат испитани сите околности и не биде утврдена причината за сообраќајната несреќа, јавниот обвинител до Основниот кривичен суд Скопје вечерва доставил предлог за определување притвор од 48 часа за возачот на другиот автомобил – учесник во сообраќајката, а кој беше задржан по несреќата.
„Станува збор за 64-годишен жител на Скопје кој управувал со автомобил „фолксваген туран“ со скопски регистарски ознаки и кој во критичниот момент ја престигнувал колоната возила во која бил и косовскиот автомобил. Предлогот за определување краткотраен притвор е поднесен бидејќи постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство“,
велат од Обвинителството.
Автомобилот со тројца членови на семејството Пацоли од Косово попладнево беше извлечен од водите на реката Лепенец, а во него беа пронајдени трите безживотни тела. Потрагата траеше 24 часа откако, при сообраќајната несреќа која се сличи вчера вечер, возилото излета од патот во реката Лепенец, а само 21-годишниот син успеа да се спаси.
