Градоначалничката на Скопје во мај изврши обиколка на неколку локации низ Општина Чаир каде што се извршуваат градежни активности, за кои таа обвини дека се дивоградби
Обвинителството ја почна постапката по првата пријава за фалсификати поврзани со градби во Општина Чаир, соопшти денеска на нејзиниот фејсбук-профил градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска.
Истрагата се однесува на сомневања за фалсификување на документи и незаконска легализација, а се поврзува со градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу.

„Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје ја постапката по првата пријава со фалсификатите. Таму веќе се водат уште две постапки претходно започнати за градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, од кои првата за фасификување на целата архивска книга со броеви и барања за легализации, а втората за уште еден случај со уште еден соучесник“,
вели таа.
Таа очекува и Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) да почне да постапува против, како што додаде, организираната криминална банда во Општина Чаир.
„Токму таа организирана криминална банда во Општина Чаир овозможува градење незаконски на небезбедни згради со црни пари од нелегални извори, кои згради ги запишувале на лица што наводно граделе на пет, шест, десет и 11 години, а сега се милионери“,
пишува Арсовска.
Пред еден месец, градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска ги достави сите релевантни докази што ги поседува во врска со дивоградбите во Чаир.
Претходно Обвинителството ја повика да соработува и да поднесе конкретни пријави за дивоградбите, по кои ќе може да се постапува и да се спречи евентуално компромитирање на доказите.
Градоначалничката апелираше и Обвинителството итно да обезбеди докази од Општината бидејќи, според нејзини информации, таму активно се уништуваат докази за фалсификатите и дивоградбите.
Арсовска во мај изврши обиколка на неколку локации низ Општина Чаир каде што се извршуваат градежни активности, за кои таа обвини дека се дивоградби.
Ги повика на реакција надлежните институции и нагласи дека Град Скопје нема да дозволи да се шири урбанистички криминал со молк на институциите.