Во врска со погрешно испечатените гласачки ливчиња во Општина Ново Село, според Јавното обвинителство, не се утврдени елементи на кривично дело
Изборниот ден на кој граѓаните избираат градоначалници и советници во 80 општини и Градот Скопје досега поминува генерално мирно и без поголеми нарушувања на гласачкиот процес.
Ова попладнево го соопштија од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија повикувајќи се на информациите добиени од јавните обвинителства низ целата држава, каде што поради изборниот ден се организирани вонредни дежурства.

Според Јавното обвинителство, од почетокот на гласањето, утрово во 7 часот, до јавните обвинителства и на посебната електронска адреса [email protected] не се пријавени инциденти или неправилности на гласачките места кои би имале елементи на кривично дело.
Во врска со погрешно испечатените гласачки ливчиња за Општина Ново Село, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струмица денеска бил усно известен за случајот и е извршен разговор, а известена е и Државната изборна комисија да го замени материјалот.
Според Јавното обвинителство, во случајот не се утврдени елементи на кривично дело.
За потсетување, уште вчера беше констатирана техничка грешка во редните броеви на носителите на советничките листи на гласачките ливчиња во Општина Ново Село поради што привремено беше прекинато гласањето на болните и изнемоштените лица во оваа општина.
Како што информираше вчера претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Борис Кондарко, печатната грешка во гласачките ливчиња во оваа општина е исправена.
Дополнително, од Јавното обвинителство информираат дека поединечни настани со наводи за изборен поткуп вчера биле евидентирани во основните јавни обвинителства во Велес, Прилеп, Крива Паланка и Свети Николе.
„Во сите нив се преземаат дејствија по насоки на јавен обвинител за испитување на наводите“,
се вели во соопштението од Јавното обвинителство.
Оттаму велат дека има и неколку информации за настани со елементи на прекршување на изборниот молк.
Сепак, како што додаваат од Јавното обвинителство, до овој момент станува збор за многу мал број вакви евидентирани настани кои би можеле евентуално да имаат обележја на кривично дело.
„Привремената комисија на Јавното обвинителство за следење евентуални изборни нерегуларности и денеска продолжува да го следи целиот тек на изборниот процес, а електронската адреса [email protected] останува отворена за сите евентуални пријави на сомненија за кривично дело кое би можело да го наруши текот на изборите“,
велат од Обвинителството.
Оттаму посочуваат дека, освен што и денеска се организирани вонредни дежурства, Јавното обвинителство тесно се координира и со другите институции надлежни за следење на изборниот процес.
Според Јавното обвинителство, сите евентуални сомненија за кривични дела кои би можеле да го нарушат изборниот процес ќе бидат испитани, а предметите ќе имаат приоритет на постапување во јавните обвинителства.