Според него, колку повеќе политички пораки се испраќаат, тоа може да се чувствува како притисок

Обвинителството има одврзани раце да прави сè што мисли дека е поврзано со пожарот во „Пулс“, вели премиерот Христијан Мицкоски.
Мицкоски вели дека е многу внимателен во врска со овој случај и оти затоа цело време вели дека Обвинителството има одврзани раце.
„Јас сум многу внимателен кога станува збор за истрагата за случајот во Кочани и цело време зборувам само за една работа – Обвинителството има одврзани раце да прави сè што мисли дека е поврзано со тој случај. Ама буквално сè“,
рече Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање дали истрагата за случајот во Кочани треба да се прошири и дали има нови сознанија.
Според него, колку повеќе политички пораки се испраќаат, тоа може да се чувствува како притисок и додава дека затоа се обидува да молчи.
„Еве трпам сè, ме обвинуваат од опозицијата, нека бидат тие некрофили, на мој грб нека се сведе сè, само Обвинителството нека си ја заврши својата работа без да имаме политички пораки“,
додаде Мицкоски.
Истрагата за пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани пред три дена беше проширена за уште едно лице. Станува збор за сопственикот на агенцијата за обезбедување која била ангажирана за обезбедување на т.н. кабаре во кое на 16 март годинава загинаа 62 лица, а речиси 200 беа повредени.
На предлог на Основното јавно обвинителство (ОЈО) Кочани, кочанскиот суд му определи 30-дневен притвор на Александар Нацев, сопственикот на агенцијата „Рубикон секјурити“.
На 28 мај истрагата за катастрофалниот пожар беше проширена со сопственикот на објектот во кој со години функционирало т.н. кабаре и што го издавал под закуп на еден од претходно осомничените.
Два дена подоцна, односно на 30 мај, од Обвинителството соопштија дека е завршена истрагата за пожарот и дека во неа се опфатени вкупно 46 лица кои се осомничени за тешки дела против општата сигурност.