СВР Скопје врз основа на снимен и документиран материјал презема мерки во координација со надлежен јавен обвинител

Секторот за внатрешни работи – Скопје во координација со Основното јавно обвинителство – Скопје постапуваат по вчерашните националистичките скандирања на натпреварот Шкендија-Карабах на Националната арена „Тодор Проески“.
„Ве информираме дека СВР Скопје врз основа на снимениот и документиран материјал презема мерки во координација со надлежен јавен обвинител“,
велат оттаму.
Од преносот на натпреварот може да се слушне дека се извикува „Илирида“, додека дел од медиумите јавуваат дека се скандирало и „Голема Албанија“.
За помалку упатените, Илирида е името на политички концепт на дел од Албанците во Македонија кој подразбира формирање независна република на територијата на западниот дел од земјата. Разбирливо, државата на концептот гледа како на иредентистички, сецесионистички и како на обид да се поттикне меѓуетничка нетрпеливост.
Извикувањето „Илирида“ најдобро може да се слушне почнувајќи од 59. минутата на натпреварот. Од снимката не се гледа, но од тонот се чини дека навивачите на Шкендија го почнуваат скандирањето, а остатокот од стадионот ги повторува зборовите. Видеото подолу е краток исечок од тој дел од натпреварот.
Ова е втор случај за обвинителите и полицијата, по инцидентот во Куманово, за кој тамошното обвинителство поведе постапка по антиалбански скандирања, каде што на кошаркарски меч на Илинден, од трибините се извикуваше „Чиста Македонија“.
За настанот во Куманово, Обвинителството ги побара снимките од видео надзорот, а полицијата веќе уапси едно лице што се обидело да внесе транспарент со навредлива содржина.
Инцидентот се повтори вчера, иако полицијата најави ригорозни казни за сите што од спортските трибини ќе шират навреди или нетрпеливост.